Помало полициско присуство на дел од стадионите
4 август 2014Во првите четири кола од новата сезона на Бундеслигата, на дел од натпреварите во германската покраина Северна Рајна Вестфалија ќе има помалку полицајци. Постоењето на ваквиот пилот-проект на полицијата на оваа покраина, денеска (4.08) го потврди лично министерот за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија, Ралф Јегер.
Притоа, плановите наидуваат на разбирање, дури и во Германската фудбалска лига (ДФЛ). „Не бевме информирани претходно за концептот, но размислувањата на Министерството за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија се разбирливи“, соопшти претседателот на ДФЛ, Рајнхард Раубал. Тој додаде дека од министерот Јегер во личен разговор добил уверување дека полицијата нема сосема да се повлече, а особено не кога станува збор за ризични натпревари, како што е дербито Дортмунд-Шалке.
„Станува збор само за натпревари на кои во последните три години немало инциденти. Тука сакаме да го прилагодиме ангажманот на полициски сили, односно да го намалиме“, изјави денеска министерот Јегер и ваквата одлука ја образложи со финансиски причини. Според него, разговорите со навивачите покажале дека тие „се подготвени да преземат поголема одговорност“. „Тоа сега можат да го докажат“, рече министерот.
По истекот на пилот-проектот, на 27 септември, ќе се донесе оценка дали тој бил успешен. Неговото воведување предизвика и негативни реакции. Така, претседателот на Комисијата за внатрешна политика во Бундестагот, Волфганг Бозбах, оцени дека ваквиот план ги радува „проблематичните навивачи, особено оние кои се подготвени на насилство“.
Претседателот на полицискиот синдикат Рајнер Вент смета дека одлуката на Министерството за намалување на полициското присуство на дел од стадионите е шанса за дискусија околу учеството на ДФЛ во покривање на финансиските трошоци за големи фудбалски настани.