Помалку полиција на стадионите - добра одлука
6 август 2014На секој кој како навивач или неутрален гледач посетил некој стадион на Бундеслигата му се познати сликите на силно вооружените полицајци, кои на патот до стадионот стојат во групи, заедно со полициските кучиња или покрај оклопните полициските возила и чекаат нешто да се случи. Или подобро кажано: тие се надеваат дека ништо нема да се случи и оти навивачките групи нема да влезат во конфликт. Во најголем број случаи е мирно, барем толку мирно за редот и мирот да можат да се грижат мал број полицајци. Но како и да е, државните органи на редот веќе со години ги обезбедуваат натпреварите и собираат неброени прекувремени часови. Многу слободни викенди, кои полициските службеници можат да ги поминат во кругот на семејството или со пријателите, така пропаднале.
Но, на тоа наскоро би можело да му дојде крај. Северна Рајна Вестфалија, најнаселената германска сојузна покраина и покраина со најмногу клубови во Бундеслигата - шест, во наредната сезона на стадионите на кои се одржуваат „нормални“ натпревари, односно натпревари со нормален или намален ризик од навивачки конфликти, ќе праќа помал број полицајци. На натпреварите со зголемен ризик, властите и натаму ќе се праќаат поголем број чувари на редот. И тоа е правилна одлука. Одговорните на тој начин нема да им направат услуга само на полицајците, туку и на даночните обврзници кои досега ги плаќаа овие, често бесмислени, акции.
Посета на стадион без униформа
И навивачите профитираат од овие мерки. Сега тие имаат поголема одговорност во поглед на сигурноста на стадионите. Поголем степен на одговорност кој го бараат здруженијата на навивачи веќе со години. Поголемиот број мирни навивачи и онака веќе со години не се чувствуваат комотно поради масовната присутност на полицајците на стадионите. Значи оваа мерка ќе ги развесели навивачите.
И на крајот и полицајците ќе можат барем малку да здивнат. Во иднина нема да мораат да ги пополнуваат викендите со прекувремени часови на стадионите на Бундеслигата само затоа што на некои „фудбалски идиоти“ може да им падне на ум да се степаат со припадниците на противничките групи. Тешко дека некој полицаец ќе жали по вака поминатите часови.
И можеби понекој полицаец ќе може новото слободно време да го искористи за посета на некој натпревар. И притоа сам ќе се увери дека гледањето на натпреварите од овој агол навистина може да биде уживање.