1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полицијата ги блокира протестите на граѓаните

БГ15 април 2016

Полициски сили вечерва не им дозволуваат на граѓаните да се приближат до државните институции. Блокиран беше пристапот до Собранието и до Владата, но во меѓувреме полицијата се повлече оттаму. Контра-протести пред СДСМ.

https://p.dw.com/p/1IWnT
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Илјадници луѓе вечерва повторно излегоа на улиците на Скопје на протести против одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов да помилува повеќе од 50 политичари и нивни соработници.



Иванов попладнето соопшти дека нема намера да ја повлече одлуката и покрај масовните демонстрации. Граѓаните бараат оставка од Иванов.



Како и претходните денови, протестите кои ги организира иницијативата #протестирам започнаа пред седиштето на Специјалното јавно обвинителство на кое му беше изразена поддршка.


Но обидот на илјадниците луѓе да го продолжат протестот пред Собранието беше спречен од големи полициски сили.


Обидот, протестот да продолжи пред зградата на Владата исто така беше блокиран. Полициски кордони поставени на Камениот мост и на булеварите околу владината зграда ги спречи во намерата.



Илјадници луѓе има и на плоштадот Македонија. Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ е исто така опколено со кордони полиција на сите крстосници.

Во меѓувреме полицијата ја повлече блокадата пред зградата на владата и протестот на граѓаните сега е концентриран таму.



Во исто време, контра-демонстранти организирани од ГДОМ протестираа пред седиштето на СДСМ во Скопје. Движејќи се кон партиското седиште тие извикуваат „Никој не ти може ништо, Никола“.
Тие се незадоволни поради аболицијата за Зоран Заев и Зоран Верушевски од страна на Иванов. Протестот заврши мирно и без инциденти.