Полициска акција во вахабитско село во Босна и Херцеговина
2 февруари 2010Горња Маоча е село на границата на Тузланскиот кантон и дистриктот Брчко и во него живеат триесетина семејства. Станува збор за еден вид неслужбена, изолирана вахабитска заедница, која на тоа подрачје ги практикува шеријатските закони, а не законите на БиХ. Неофицијално, училиштето во селото дејствува вон домашните, легални образовни институции и тие, наводно, неодамна се обиде да ги провери новинарката на сараевскиот магазин „Дани“, Белма Беќирбашиќ:
„Само што влеговме во селото бевме легитимирани. Неколку мажи, колку што се сеќавам ги имаше деветмина, не‘ претресоа. Имаа долги бради. Беа многу агресивни и ни‘ наредија да го напуштиме селото“, вели Беќирбашиќ.
Надлежните безбедносни служби на БиХ имаат информации дека во ова село се спроведуваат „одредени активности“ кои можат да ја загрозат безбедноста на државата. Не е познато за какви точно активности станува збор, но во образложението на полициската акција е наведено дека станува збор за „загрозување на територијалната целовитост на БиХ, напад на уставниот поредок и предизвикување на расна е верска омраза“.
Новинарот од Зеница Есад Хеќимовиќ вели дека слични вахабитски групи дејствуваат низ цела Европа, настојувајќи на определено подрачје да ги воспостават „своите правила и закони“. Сличен пример, неодамна, имаше во Осло каде во мигрантските квартови некој се обиде да воспостави дејствување на т.н „полиција за морал“ која оценуваше како жените треба да изгледаат или не, како мажите треба да се однесуваат или не, вели Хеќимовиќ.
Одговорните службени лица немаат отидено во Горња Маоча
Навремената реакција на полициските и безбедносни служби во вакви ситуации е од пресудно значење, тврди новинарот од Зеница, констатирајќи дека полициската акција во Горња Маоча е спроведена предоцна:
„Првиот пример за некаква радикална исламска група која воспоставила контрола над еден дел на БиХ кадешто ги спроведувала сопствени закони наместо државните како новинар го видов уште за време на војната на подрачјето на средна Босна. Постоеја уште неколку примери. Во секој од тие случаи полицијата дејствуваше помалку или повеќе со задоцнување, значи допушташе проблемот да нарасне до момент во кој почнува да се говори за загрозување на безбедноста“, вели Хаќимовиќ.
Одговорните службени лица немаат отидено во Горња Маоча за да видат на лице место што всушност се случува таму. Ретки новинарски екипи кои ќе се упатеа кон ова село, го дожувуваа она што го доживеа и Белма Беќирбашиќ, а проблеми со вахабитската заедница наводно имала и полицијата. Лидерот на оваа заедница Нусрет Имамовиќ во јавноста е познат и по тврдењето дека „самоубиствените напади не се забранети и оти можат да се користат во вонредни ситуации“.
Автор: Самир Хусеиновиќ / Симе Недевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска