1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политички превирања во Република Српска

Драган Максимовиќ/БГ26 февруари 2013

Претседателот на Република Српска Милорад Додик побара смена на премиерот на овој ентитет. Во чиј интерес е тоа и дали се работи за подготовка за изборите во 2014 година?

https://p.dw.com/p/17m03
Фотографија: Dragan Maksimovic

Милорад Додик во понеделникот побара од премиерот на РС Александар Џомбиќ целата влада да поднесе оставка. Состанокот Додик-Џомбиќ беше затворен за медиумите, а по него Додик изјави дека за досегашниот премиер повеќе нема да има место во новата влада.

„Во следните денови ќе дојде до оставка на владата, а потоа ќе формираме нова. Џомбиќ е важна личност за СНСД (Сојуз на независните социјалдемократи), и ние ќе побараме решение за неговиот иден ангажман. Се работи за заедничка проценка дека е потребна нова атмосфера“, изјави Додик.

Прашање е зошто оставка на владата сега кога се знае дека голем дел од министрите ќе останат и понатаму на своите позиции. Долгогодишниот новинар од Бања Лука, Жељко Раљиќ вели дека Џомбиќ не бил послушник на Додик и тоа е основната причина за смената.

„Додик сака да има апсолутно послушна и верна влада која му треба во овој момент. Џомбиќ повеќе пати покажа дека не сака да ги следи налозите на Додик“.

Дали новата влада ќе биде поспособна не може да се процени, но веќе сега се знае дека премиер ќе биде Жељка Цвијановиќ, блиска соработничка на Додик.

Republik Srpska Aleksandar Dzombic
Александар ЏомбиќФотографија: AP

„Идната премиерка Цвијановиќ е апсолутно послушна и ќе ги следи налозите на претседателот на СНСД, така да Милорад Додик мирно ќе го дочека изборите во 2014. година. Додик го интересира само едно, а тоа е да го обнови претседателскиот мандат бидејќи во тој случај ќе биде заштитен пред законот“, смета Раљиќ.

Коалицијата на СНСД со Демократскиот народен сојуз и со Социјалистите засега не се доведува во прашање. Веднаш по оставката на владата, Додик ќе именува мандатар кој ќе има рок од 40 дена да предложи кабинет. Новата влада треба да биде потврдена од двотретинско мнозинство во Народното собрание на РС.