1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политички земјотрес во Баварија

Peter Stützle29 септември 2008

По речиси половина век самостојно владеење, Христијанско-социјалната унија на покраинските избори, одржани на 28.09.2008, падна на под 44% освоени гласови. Резултатите нема да останат без последици и на сојузно ниво.

https://p.dw.com/p/FQiQ
Приврзаници на ЦСУ со партиски знамињаФотографија: AP

Во сите седишта на партиите во Берлин, случувањата во Минхен беа следени внимателно. И, никаде славјето не беше поголемо отколку кај либералите. По три неуспеси едноподруго, либералите сакаа повторно да влезат во покраинскиот парламент во Баварија и се надеваа дека по речиси половина век, ќе заврши доминацијата на ЦСУ, која досега владееше сама. Двете желби се исполнија, а лидерот на либералите, Гидо Вестервеле, сјаеше од задоволство: „Сега сме повторно присутни како пратеничка група во 13 покраински парламенти. Тоа значи дека покажавме оти ФДП е недвосмислено трета по големина сила на сојузно ниво и тоа сакаме уште еднаш да го докажеме на сојузните избори за Бундестагот.“

Ќе бидат ли либералите иден партнер на ЦДУ?

На изборите за Бундестагот, што треба да се одржат на 27. септември 2009. година, шефот на Христијанско-демократската унија, Ангела Меркел, сака да остане германски канцелар, но веќе не со социјалдемократите како партнер, туку со либералите на Вестервеле. Доколку и тогаш сестринската ЦСУ има слаб резултат, како сега на покраинските избори во Баварија, од такво мнозинство нема да излезе ништо. Сепак, човекот на Меркел во партијата, генералниот секретар на ЦДУ, Роналд Пофала, во катастрофата на ЦСУ гледа зрнце надеж: „Гласовите што ги загуби ЦСУ останаа во граѓанскиот камп во Баварија. ЦСУ, ФДП и Слободните избирачи заедно, имаат над 60% од гласовите.“

Deutschland Partei FDP Parteitag Guido Westerwelle
Гидо Вестервеле е повеќе од задоволенФотографија: AP

Со оглед на тоа што Слободните избирачи нема да настапат на сојузните избори, Пофала се надева дека нивните 10% гласови ќе отидат на сметка на ЦСУ. Сепак, и ваквите обиди за смирување на возбудата, веројатно нема да спречат нервозни дискусии меѓу ЦДУ и ЦСУ во наредниот период.

СПД уште се надева

За кандидатот за канцелар на СПД, Франк Валтер Штајнмаер, кој има намера за една година да ја замени Меркел, изборите во Баварија не нудат опиплив успех, зашто баварската СПД го постигна досега својот најлош резултат во таа покраина. Штајнмаер, сепак, црпи надеж од тоа што ЦСУ го загуби апсолутното мнозинство: „Тоа во Баварија ќе оформи нова политичка култура и тоа ќе ни‘ биде од помош.“

Frank Walter Steinmeier Freies Bildformat
Франк Валтер Штајнмаер во потрага по зрнца надежФотографија: AP

Причина за славје имаше уште еден - германскиот претседател, Хорст Келер. Партиите кои и‘ даваат поддршка на неговата противкандидатка, Гезине Шван, СПД и Зелените, во иднина ќе бидат заедно послаби во баварскиот парламент отколку досега. Се чини дека сега мнозинството за изборот на Келер, во мај наредната година, е обезбедено.