Позитивна клима во односите на Македонија и Албанија
12 јануари 2007Многу е значајно што меѓу Македонија и Албанија нема нерешливи прашања, а позитивна клима владее во билатералните односи, во економската и секој друг вид соработка. Вака гласи заедничката оценка на шефовите на дипломатиите на Македонија и Албанија. Македонскиот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, очекува 2007 година да биде поплодна во соработката и реформите на двете земји бидејќи е клучна за интеграција на земјите од Јадранската повелба. Според него, разговарано е за економската, туристичката и трговската размена, но...
„...она на што ќе треба да посветиме повеќе внимание е подобро инфраструктурно поврзување меѓу Албанија и Македонија. Тоа е скапо, но на крајот ќе се исплати. Големите проекти како АМБО, Коридорот осум и поврзувањето со далновод долг 400 километри се нешта што го имаат вниманието на двете влади“, рече Милошоски.
Милошоски за оваа година го најави отворањето на граничниот премин Џепиште - Требиште, кај Дебар, за што веќе има ратификувани спогодби, а ќе се прават напори за отворање и на уште неколку премини.
Во врска со решавањето на статусот на Косово, Милошоски нагласи дека заеднички став е поддршката на Ахтисари во напорите за наоѓање решение. Се надеваме на одржување демократски избори во Србија на кои граѓаните ќе го изберат демократскиот пат на интеграција на целиот регион во НАТО и во ЕУ, рече тој. Шефот на албанската дипломатија, Бесник Мустафај, околу решвањето на статусот на Косово, рече дека “Албанија е активна, но не е и актер“. Сепак, тој вели дека и сугерираат на меѓународната заедница, на Ахтисари и неговиот тим, решение кое ќе продуцира стабилност, а таквото решние гласи целосна независност на Косово.
На прашањето – дали и кога Албанија ќе го признае статусот на малцинство на Македонците во областите Гора и Голо Брдо, Мустафај со индиректен одговор:
“Сериозно се ангажираме за подобрување на воспитанието, образованието и медиумите на македонски јазик во селата на Мала Преспа, каде што е концентрацијата на македонската заедница. Се залагаме и за подобрување на нивната застапеност во државната администрација.