1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подотворена вратата меѓу Србија и Албанија

Ивица Петровиќ/БГ11 ноември 2014

Посетата на албанскиот премиер Еди Рама на Србија во истовреме се оценува како злоупотреба на гостопримсѕвото и кршење на дипломатскиот протокол, но и како шанса за нов почеток во односите меѓу двете земји

https://p.dw.com/p/1Dl8j
Фотографија: Getty Images/AFP/Andrej Isakovica

По инцидентот со дронот на прекинатиот фудбалски меч меѓу Србија и Албанија, следуваше историската посета на Белград по пауза од речиси 70 години, која во српската јавност веќе се означува како уште еден дипломатски инцидент. Албанскиот премиер Еди Рама, имено, ја повика Србија да го признае Косово и рече дека независноста на Косово е реалност, што предизвика револт кај српскиот премиер Александар Вучиќ кој оцени дека се работи за провокација и дека „реалноста е дека Косово е дел од Србија“.

Експертите за меѓународни односи сметаат дека Рама со тој потег сакал да ја зајакне својата позиција во Албанија и да се покаже како покровител на сите Албанци. Од друга страна, се забележува дека и двајцата премиери го искористија проблемот со Косово за своите внатрешно-политички потреби. Би можело да се каже дека секој си ја заврши својата работа: албанскиот премиер не кажа ништо ново, а српскиот премиер ја искористи шансата да покаже цврстина околу Косово и во комуникацијата со албанските претставници.

Национализам и шовинизам

Во сенка на сите инциденти и недоразбирања, прашање е дали посетата на Рама воопшто може да се оцени како историска, вели Фахри Муслиу, долгогодишен дописник на косовските медиуми од Белград. „По фудбалскиот натпревар исто така имаше непријатни изјави од двете страни и јас се надевам дека барем дел од разговорот бил посветен на напорите да се спушти топката. Побрзо би рекол дека посетата претставуваше мало подотворање на вратата што треба да доведе до забрзување во меѓусебните контакти. Сепак, морам да забележам дека медиумите и во Тирана и во Косово негативно придонесоа на односите меѓу Србија и Албанија со своето пишување“, вели Муслиу.

Serbien Premierminister Edi Rama Aleksandar Vucic Albanien Belgrad
Фотографија: Getty Images/AFP/Andrej Isakovica

Актуелниот момент во српско-албанските односи го карактеризира слабо меѓусебно познавање и недоверба, смета Ненад Ѓурѓевиќ, координатор на Форумот за етнички односи. Притоа загрижува високиот степен на нетрпеливост кој излезе во јавноста по инцидентот со дронот на фудбалскиот натпревар и кој, што е најлошо, најверојатно ќе продолжи. „Тоа е едно загрижувачко ниво на националистичка па и шовинистичка еуфорија, која ја забележавме во медиумите и во јавноста. Искрено се надевам дека по оваа посета, и покрај разликите во ставовите, ќе започне некој поинаков вид на комуникација меѓу двете земји, но и меѓу Србите и Албанците“, вели Ѓурѓевиќ.