1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подобро некогаш отколку никогаш

29 декември 2011

Невладините организации го поздравија договорот за Советот на министри на БиХ, со забелешка-тој требаше да биде уште во 2010-та. Опозицијата не верува во надоместување на пропуштеното. ЕУ храбри на натамошни реформи.

https://p.dw.com/p/13bM0
Конечно договор по низа преговориФотографија: sarajevo-x.com

Ако договорот на политичките лидери на БиХ за Советот на министри и европските закони се спроведе во надлежните институции, за земјата тоа би бил голем чекор во процесот на европските интеграции, оценува аналитичарот на Центарот за цивилни иницијативи, ЦЦИ, Ивица Чавар.

„Верувам дека по конституирањето, Советот на министри ќе може да поднесе апликација за кандидатски статус за членство на БиХ во ЕУ“, вели Чавар.

„Важно е што е постигната согласност и за законот за попис на населението, во кој беше спорен членот 48, како и договорот за системот на државната помош“, истакнува Чавар.

Лидерите се договорија членот 48, во кој е предвидено резултатите од пописот од 1991-ва година да бидат применувани при формирањето на власта до целосното спроведување на Анексот седум од Дејтонскиот договор, да биде избришан од текстот на Законот.

Чавар потенцира дека граѓаните на БиХ скапо го платија четиринаесетмесечниот застој во реформските процеси:

„Во 2011-та година босанскиот парламент усвои само 12, а одби 16 закони, додека Советот на министри во т.н. технички мандат во истиот период утврди само 23 закони“, вели Чавар, потсетувајќи дека босанските политичари се одлично платени за неработа.

Treffen Bosnien Politiker
Босанските политичари Милорад Додик, Младен Босиќ, Божо ЉубичиќФотографија: sarajevo-x.com

Позитивни реакции од ЕУ и Високиот претставник

Реакциите на меѓународните организаци кои работат во БиХ се позитивни.

„Многуе е важно што домашните политички лидери најдоа решение во врска со законите за државна помош и пописот на населението, кои се дел од европскиот сет закони и од исклучителна важност за БиХ во процесот на европски интеграции, сопштено е од Делегацијата на ЕУ во БиХ.

Делегацијата на ЕУ во БиХ и Високиот претставник ја охрабруваат власта да продолжи со решавање на проблемите на државниот буџет за 2012-ра година за биде осигурано функционирањето на државните институции и исполнувањето на меѓународните обврски на земјата. Лидерите постигнаа договор за буџетот во 2011-та година, за да се овозможи финансирање во првите три месеци во следната година.

Лидерите на владејачката шесторка се задоволни што преовладеа „атмосфера на компромис“ и нивните реакции главно се согласуваат со оценките на претседателот на Сојузот на независните социјалдемократи Милорад Додик.

„Не добивме се‘ што баравме, но тоа никој не го постигна“, изјави Додик.

Treffen Bosnien Politiker
Фотографија: sarajevo-x.com

Критики на опозицијата

Исклучок е претседателот на ХДЗ 1990 Божо Љубиќ, кој на спогодбата ставил „условен потпис“ поради наводните несогласувања со ХДЗ БиХ околу распределбата на одредени министерски позиции.

„Потписот можеме да го повлечеме ако во наредните денови не дојде до билатерални договори“, изјави Љубиќ, свесен дека повлекувањето на неговата партија од владејачките шесторка сепак не би го загрозило договорот за Советот на министри.

Аналитичарите сметаат, она што би можело да биде спорно е позицијата на идниот директор на Управата за индиректно оданочување. Според договорот на лидерите, оваа директорска позиција би требало да и‘ припадне на хрватската националност, со тоа што околу кандидатот би требало да се договорат две партии меѓу кои досега, барем на федерално ниво, немаше големо разбирање, ХДЗ БиХ и СДП БиХ.

Опозицијата ја осудува владејачката шесторка што договорот не е постигнат во 2010-та година. Во Сојузот за подобра иднина на БиХ им забележуваат на бошњачките лидери „што, за добробит на сите граѓани, не се избориле за министерствата кои ги покриваат економијата и финансиите“. Мухидин Алиќ од Партијата за БиХ изјави дека од октомври 2010-та се направени големи загуби и дека граѓаните можат само да се надеваат дека новиот Совет на министри барем ќе се обиде да ги надомести.

Автор: Самир Хусеиновиќ/ Ж.Ацеска

Редактор: Борис Георгиевски