1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поделени оценки за изборите во Албанија

30 јуни 2009

Меѓународната набљудувачка мисија констатираше подобрување на организацијата на изборите во Албанија во споредба со минатите години, но, истовремено изрази и голема критика за политичка поларизација пред изборите.

https://p.dw.com/p/IeEc
Избори во АлбанијаФотографија: AP

На Централната изборна комисија на Албанија ОБСЕ во основа и‘ додели добра оценка за подготовката на изборите, но, партиите и локалните управи добија оценка - незадоволително. Посебно позитивно беше оценета техничката подготовка на избирачкиот список, кандидатските листи, обработката на приговорите и застапеноста на жените и малцинствата во институциите. Исто така, на денот на изборите беа регистрирани само поединечни проблеми, како на пример - задоцнето отворање на избирачките места или семејно гласање.

Заменик претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Волфганг Гросрук појасни: „Изборниот ден, општо погледнато, мина мирно, без поголеми инциденти, или насилство. Нашите набљудувачи изборниот процес, генерално, го оценија позитивно во повеќето избирачки места што ги посетија.“

Обвинувања на сметка на партиите

Wahlen in Albanien
Фотографија: AP

Многу потешки се обвинувањата за партиите дека ја забавиле подготовката за изборите со политичка поларизација на работи кои мора да се завршат навреме за изборите. Така на пример, на многу места, партиите не ја исполнија обврската, навреме да именуваат претставници за избирачките места, така што многумина не беа обучени. Исто така, и локалната управа не ги исполни своите обврски, навреме да ги достави адресите на избирачките места. Освен ова, одделни локални власти се спротивставија на тоа да доделат дозволи за јавно закачување на изборните плакати или за кампањите на партиите.

Притисок за гласање

Набљудувачката мисија документираше случаи во кои претпоставени лица во јавниот сектор вршеле притисок врз вработените да го дадат својот глас за владеачката Демократска партија. Така, на пример, директор од едно училиште во Тирана, побарал од наставниците да го фотографираат избирачкото ливче со мобилен телефон, како доказ. Некои студени, исто така информираа, дека професорите им се заканиле дека нема да ги положат испитите доколку не присуствуваат на изборен митинг. На некои места на вработените дури им се заканувале со отпуштање, доколку јавно, силно се залагаат за одредени партии.

Раководителот на мисијата на ОДИХР, Одри Гловер појасни: „За жал, високиот степен на недоверба меѓу партиите, користењето на официјалните настани за кампања, притисокот и заплашувањето на избирачите не придонесоа за јавната доверба во изборниот процес.“

Wahlen Albanien 2009
Предизборен митингФотографија: AP

Така на пример, премиерот Сали Бериша со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоан, отворија тунел на автопатот, меѓу море од знамиња на Демократската партија само два дена пред изборите. Гинеколошка клиника, што Бериша под слични околности ја отвори во Драч, беше затворена неколку денови по церемонијата. И неговиот предизвикувач, градоначалникот на Тирана Еди Рама, ги злоупотреби за цели на кампањата отворањето на детски градинки и јавно финансирани музички настани.

Критики, но и признанија за напредокот

Алфред Диеболт ја застапува фондацијата Фридрих Еберт во Албанија. И покрај јасната критика, тој сепак препознава голем напредок за текот на изборите во споредба со последните децении: „Албанија мина низ многу тешки времиња и политичките процеси не се одвиваат на истиот начин, како што е случај во развиените демократии. Албанските политичари сериозно треба да ја сфатат критиката. Треба да ги проучат препораките и да размислат. Тоа е еден процес за кој е потребно време. Јас сметам дека Албанија оди во вистинскиот правец.“

Автор: Фабијан Шмит / Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска