1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поддршка од Ангела Меркел за Јирген Клинсман

Петер Штицле16 март 2006

Клинсман во последно време беше на удар на критики. Канцеларот и’ искажа охрабрување на фудбалската репрезентација на Германија за претстојното светско првенство

https://p.dw.com/p/Aej5
Клинснман и Меркел
Клинснман и МеркелФотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

Средбата во кабинетот на канцеларот не требаше да има кризен карактер, иако дојде во време по тешкиот пораз на репрезентацијата на пријателскиот наптревар против Италија и новиот скандал со манипулирани резултати на фудбалски натпревари од втора и регионална лига заради измама на обложилниците. Ангела Меркел го искористи вниманието со кое јавноста ја очекуваше средбата како обид за посредување на канцеларот за надминување на спорот меѓу Клинсман и претседателот на Организациониот комитет на првенството Франц Бекенбауер, за да агитира за реформските цели на својата влада.

Но, веднаш се префрли на фудбалски теми, велејќи на шега дека и покрај договореното намалување на бирократијата, не сака да го укине и правилото за офсајд. „Кој од мене очекуваше да пресечам по прашањето кој да биде прв голман, морам да го разочарам – тука на Клинсман со сигурност не му се потребни совети. Моето искуство во секој случај е недвосмислено: на крајот секогаш може да има само еден со бројот еден“ – рече Меркел.

Таа искажа уверување дека светското првенство нема само во економски поглед да претставува успех за Германија, туку и на спортски план и му се обрати на селекторот: „Драг господине Клинсман, вие со вашиот тим воведовте нови методи, ги пресековте старите спорови, за тоа секогаш има согласност, се’ додека трае успехот. При поразите следува дожд од критики, но тоа не треба да ве вознемирува. Кога си уверен во курсот – тоа го велам и од сопствено искуство – мора да се опстои врз него. Колебливоста не создава доверба и секојдневно различни решенија не водат кон успех“.

Франц Бекенбауер беше изненаден дека средбата за размена на мислења канцеларот ја искористи и за настап пред печатот.Тој во кабинетот на Меркел за прв пат се сретна со Клинсман по жестоките критики што ги искажа на негова сметка заради пречестото заминување за САД, каде му живее семејството. „Да му се радуваме на светското првенство. Се радувам и дека Јирген сега се откажа од својот дом во Калифорнија и сосем се пресели во Германија, тоа е убаво“- изјави „кајзерот“.

Клинсман се почувствува засилен од подршката на канцеларот и се заблагодари на свој начин: „Токму тогаш, кога сакаш да ги промениш и унапредиш работите, секогаш мора да се смета и на по некој удар овде-онде, како што беше со нас неодамна во Италија. Но, навистина можам да ви ветам дека ние ќе ја истуркаме нашата работа – се’ едно каде ни е живеалиштето. На првенството ние ќе испратиме екипа која ќе има многу елан, која сака да внесе многу самодоверба и која, се разбира, сака да ги има - и ќе ги има навивачите на своја страна, за навистина да постигне нешто на ова светско првенство“ – рече Клинсман.