1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поддршка и скептицизам во Берлин за сослушување на Сноуден

Александар Методијев/дв/дпа2 ноември 2013

Членови на партијата на германската канцеларка Ангела Меркел изразија подготвеност Едвард Сноуден да сведочи пред Бундестагот, но тие се скептични дека тој би можел да допатува во Германија.

https://p.dw.com/p/1AAXc
Фотографија: picture-alliance/dpa

Различни размислувања во Берлин предизивика изјавата на пратеникот од редовите на Зелените Ханс-Кристијан Штребеле (на насловната фотографија со Сноуден во Москва) за можност - Едвард Сноуден да сведочи пред членовите на германскиот Бундестаг. Членови на владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ) велат дека барањето на САД за екстрадиција на Сноуден ќе го спречи да ја напушти Русија.

Портпаролот на ЦДУ задолжен за внатрешни прашања Ханс-Петер Ул за весникот „Берлинер цајтунг“ изјави дека германска делегација би можела да отпатува во Москва за да го испраша Сноуден за разузнавачките операции на американската Агенција за национална безбедност (НСА).

„Патувањето на Сноуден во Германија би можело да биде проблематично, бидејќи се поставува прашање дали тој би можел да добие азил овде“, изјави Ул. „Ако не добие азил, тогаш има барање за екстрадиција од Американците“, додаде тој.

Критики на патувањето во Москва на Штребеле

Пратеникот Штребеле отпатува во четвртокот (30.10.2013) во Москва, каде се сретна со Сноуден. Поранешниот соработник на НСА изјави дека е подготвен да сведочи пред германскиот парламент под услов да е гарантирана неговата безбедност. Пратеникот се врати во Германија со писмо од Сноуден, во кое тој изрази надеж за соработување во откривањето на фактите.

Пратеникот од редовите на ЦДУ Михаел Гросе-Бремер го критикуваше патувањето на Штребеле во Москва, велејќи дека тој направил нешто повеќе од пренесување на пошта. Гросе-Бремер рече дека „во моментов нема причина да се донесе одлука за можно останување на Сноуден во Германија“, додавајќи дека се сомнева оти Сноуден ќе допатува во Германија поради барањето на САД за екстрадиција.

Bundeskanzlerin Merkel NSA Überwachung Obama
Зелените бараат Меркел да разговара лично со ОбамаФотографија: picture-alliance/AP Photo

Пратеникот Штребеле, пак, во интервју за државната телевизија АРД рече дека Сноуден може да опише поврзаности кои германските политичари не ги знаат или не се свесни. Според Штребеле, Сноуден знае „многу повеќе“ од она што досега стои во документите што ги објави.

Германски претставници во моментов преговараат за „договор за нешпионирање“, со кој би требало да се стави крај на операциите за надгледување на германските граѓани во земјата. Врз основа на документите објавени од Сноуден, НСА собирала податоци од милиони германски жители, меѓу кои, според информации објавени од весникот „Билд“ и магазинот „Шпигел“, се наоѓа и германската канцеларка Ангела Меркел, чиј телефон бил следен со години.

Шефицата на Зелените Симоне Петер ја повика германската канцеларка веднаш во Вашингтон лично да се соочи со американскиот претседател за ова прашање. Според Петер, „договорот за нешпионирање не е доволен“.

Вториот претседател на Зелените, Бернд Рикингер, изјави дека се залага многу за тоа Сноуден да добие азил во Германија. „Ако имаше политичка волја, ќе немаше проблем“, забележа тој во изјава за весникот „Мителдојчен цајтунг“.

И швајцарски пратеници сакаат да го испрашаат Сноуден

Освен германските пратеници, одговори и информации од Сноуден сакаат да побараат и швајцарските парламентарци, информира швајцарскиот весник „Тагесанцајгер“. Социјалдемократот Карло Зомаруга вели дека „Сноуден беше активен за ЦИА во американската мисија во ОН во Женева“. „Тој знае што прави американската разузнавачка служба во Швајцарија и дали и како соработува со швајцарската тајна служба“.

И пратеници од конзервативната Швајцарска народна партија изразија интерес за добивање информации од Сноуден. Женева долго време се смета за „шпионска метропола“. Според медиумски извештаи, американската НСА користела слични уреди за прислушување како во Берлин.