Мрежа за помош на Сноуден
12 јуни 2014Целта на поддржувачите е да можат подобро да го бранат Сноуден и идните „свиркачи“. Проектот под име „Кураж“ треба да организира правна помош за луѓето кои јавно ќе објават доверливи информации. Сноуден е првиот и досега единствен случај во кој „Кураж“ се ангажира.
Проектот го иницира Сара Харисон, соработничка на интернет платформата Викиликс, која го придружуваше Сноуден за време на неговото бегство во Хонг Конг и потоа со него помина недели на московскиот аеродром.
„Ние бевме единствените луѓе кои можеа да реагираат доволно брзо. Потребна е организација која ќе биде специјализирана за тоа“, истакна Харисон на официјалниот старт на мрежата во Берлин.
Видео-порака од Сноуден
Минатата година беа потребни над 100.000 долари за правна помош, изјави Харисон. Организацијата собира донации за таа цел. Германскиот адвокат на Сноуден, Волфганг Калек, очекува борба на долг рок.
„Солидарноста со Сноуден ќе биде нужна во период од една, три или пет години“, изјави тој. Сноуден самиот се заблагодари преку видео-порака.
„Кураж“ им покажува на потенцијалните информанти дека во нивна одбрана се организира заедница во светски рамки, истакна тој:
„Тоа значи, дека ние, јавноста, имаме една специјална единица“.
САД го бараат Сноуден
САД имаат распишано потерница по Сноуден поради оддавање државна тајна, односно за предавање строго доверливи документи на тајната служба на новинарите. Документите го разоткрија системот на масовно прислушување и следење на дигиталните комуникации од страна на американската тајна служба НСА и британската тајна служба.
Иако фокусот се наоѓа врз Сноуден, основачите на „Кураж“ планираат поддршка и на други информанти.
„Ние не постоиме само поради Сноуден, туку и за идните Сноудени“, изјави Харисон. Во поддржувачите на „Кураж“ се вбројуваат основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, американскиот информант Даниел Елсберг и интернет-активистот Џон Пери Барлоу (на насловната фотографија лево).