1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повлекувањето на ПКК не оди како што треба

ЕМФ/миа/афп20 август 2013

Бунтовниците од ПКК можат повторно да се вратат во Турција, доколку процесот на мирно решавање на курдското прашање не вроди со плод, изјави лидерот на политичкото крило на ПКК, Сојуз на курдските општини, Џемил Бајак.

https://p.dw.com/p/19SXc
Фотографија: SAFIN HAMED/AFP/Getty Images

Според Џемил Бајак, турската Влада несериозно и дволично се однесува кон прашањето за мирно решавање на курдското прашање и се плаши од демократијата.

„Се надеваме дека мировниот процес нема да биде нарушен. Но доколку Партијата на правдата и развојот продолжи да дејствува на овој начин, формациите кои си заминаа од југот, повторно ќе се вратат на северот. Тогаш, почетокот на една голема војна може да стане реалност. Се надевам дека тоа нема да се случи“, нагласи Бајак во Ирак..

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган претходно ги обвини бутновниците на ПКК дека го кршат договорот за повлекување од Турција. Ветувањето на Курдската работничка партија (ПКК) „не е исполнето“, изјави Ердоган. Турската територија, како што нагласи Ердоган, досега ја напуштиле само една петтина од бунтовниците, и тоа главно жени и деца. Турскиот премиер исклучи можност за генерална амнестија на бунтовниците на ПКК.

Владата на Ердоган од декември 2012 година преговара со лидерот на ПКК Абдула Оџалан, кој е во затвор, за ставање крај на повеќедеценискиот конфликт. Во март годинава курдските бунтовници објавија прекин на огнот и во мај почнаа да се повлекуваат од турска територија. Според најоптимистичките прогнози, бунтовниците од ПКК Турција треба да ја напуштат до октомври.