Повик за вразумување на Албанците
22 јануари 2011Европската унија, по вчерашните недреди за време на демонстрациите на опозицијата во Тирана, во кои загинаа три лица, ги повика сите политички сили во Албанија да останат смирени и да се воздржат од провокации. ЕУ, ОБСЕ и САД во заедничко соопштение изразија и длабоко жалење за насилството во Албанија. Генералниот секеретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд исто така ги осуди „сите видови на насилство“ и побара „итно“ од сите политички сили во земјата да воспостават конструктивен дијалог во рамки на постоечките демократски институции во Албанија. Организацијата Амнести интернешнл побара истрага од албанските власти за инцидентите. На умереност и воздржаност повикуваат и германските политичари и експерти за Балканот.
Заменик-претседателот на пратеничката група на Социјалдемократската партија во Бундестагот Гернот Ерлер за албанската програма на Дојче веле изјави:
„Се надевам и апелирам до сите страни сега да покажат култура на деескалација, тоа е она што ни е потребно во моментов. Мојот апел е насочен како до државните институции, до претставниците на владата, така и до опозицијата. Сега мора да прекине ескалацијата и подготвеноста за примена на сила, за во Албанија да не се случат нови трагедии, кои во моментов би можеле до доведат до голема иритација во Европа во однос на идниот пат на Албанија и нејзината европска перспектива,“ рече Ерлер.
Германскиот експерт за Балканот, професор Франц Лотар Алтман во однос на тоа дали агресивната реторика на политичарите придонесе за ваква ескалација на ситуацијата во Албанија пак изјави:
„Мислам дека политиката во овој случај мора навистина да делува во спротивна насока. Политичарите на кои се мисли, се оние кои со години се повикувани на умереност во однос на оваа вербална реторика. Она што од страна на Европската унија треба јасно да биде кажано е: вие Албанија, вие политичарите во Албанија во суштина сте на патот кон Европската унија, каде една ваква реторика остава многу негативен впечаток, тоа значи морате да гледате напред, што тоа значи за имиџот на Албанија,“ изјави Алтман и дополни:
„Демонстрации, протести се во ред, тие се дел од демократијата, пред се’ кога политичките противници не се подготвени да водат разговори. Но до каде смее да се оди, ние, сметам не можеме да ја подучуваме една земја како Албанија, тоа е процес на учење кој земјата мора да го помине.“
Автор: АТ/ЖА/Линдита Арапи/дпа
Редактор: Жана Ацеска