1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Делегацијата на Захариева ги испрати во карантин Мас и Рот

ДТЗ /ДВ
4 ноември 2020

За разлика од македонскиот министер за надворешни работи Османи и вицепремиерот Димитров, шефот на германската дипломатија Мас и министерот за Европа Рот одат во карантин по состанокот со бугарската делегација.

https://p.dw.com/p/3ksVH
Heiko Maas in Bulgarien
Фотографија: Imago Images/photothek/T. Imo

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас ќе мора повторно да оди во двонеделен карантин поради состанокот со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева и нејзиниот заменик Петко Дојков во Берлин во понеделникот. На состанокот беа присутни и македонскиот вицепремиер Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, но тие ќе продолжат со вообичаената рутина. 
Бугарското МНР денеска соопшти дека Дојков е позитивен на коронавирус, па во изолација веднаш замина и Захариева. Друштво на Мас ќе мора да му прави и министерот за Европа во германското МНР, Михаел Рот. Како што соопшти германското МНР, во изолација заминуваат и други вработени во министерството кои присуствувале на средбите. Првиот тест на Мас бил негативен на коронавирус. Во соопштението на германското МНР воопшто не се споменуваат темата и учесниците на состанокот поради кои министерот заминува во карантин.
Од друга страна, ниту еден член од македонската делегација којшто присуствуваше на состанокот во Берлин со бугарските колеги нема да оди во изолација.
Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи нема да одат во изолација по извршената епидемиолошка проценка на ризик. Ваков заклучок донела Комисијата за заразни болести. Но, поради меѓународните контакти кои во иднина ќе ги има Димитров, тој ќе се тестира превентивно.
„Имајќи предвид дека сите мерки биле почитувани од страна на македонската делегација, односно сите претставници носеле маски и одржувале значителна дистанца, заклучокот на комисијата е дека нема ризичен контакт и дека нема да се издаде решение за изолација за ниту еден член на македонската делегација", информираат од СЕП.
И од МНР, посочуваат дека во разговор со Комисијата за заразни болести, е констатирано дека организаторите на состанокот ги презеле сите мерки за заштита, во текот на средбите учесниците ги користеле сите мерки и протоколи за заштита при што е констатирано дека во ниту еден момент немало ризичен контакт кој би бил причина за изолација.
Захариева, која ја предводеше делегацијата го чека резултатот од нејзиниот ПЦР-тест. Како што соопштија од бугарското МНР, таа нема симптоми и е во добра општа состојба.