По поплавите остана пустош
23 мај 2014Задачата пред која се наоѓаат илјадници спасувачи, волонтери и војници е огромна, откако десетици градови и села беа уништени во една од најголемите катастрофи кои го погодиле регионот во последните децении.
„Катастрофата влегува во нова фаза. На почетокот се работеше за спасување животи, сега кога водата се повлекува зад неа остана голем пустош“, изјави босанскиот министер за одбрана Закарија Смајиќ.
Повеќе илјади објекти се уништени од надојдените води на Сава и на нејзините притоки, а материјалната штета се проценува на стотици милиони евра.
„Куќите изградени пред 20-30 години можеби и можат да се осушат и да се реновираат, но постарите е подобро да се урнат и на нивно место да се изградат нови“, смета хрватската министерка за градежништво, Анка Мрак-Таритас.
Огромни површини се уште се наоѓаат под вода, а десетици илјади од преку 150-те илјади евакуирани граѓани на Хрватска, Босна и Србија- најголемиот егзодус по војните во 1990-те години, остануваат во прифатните центри.
Оние кои успеаја да се вратат во своите домови, доколку останало нешто од нив, ги вадат апаратите за домаќинство надвор со надеж дека ќе се осушат, но најголемиот број семејства во своите домови пронајдоа само целосни руини.
Во селото Маљуревац југоисточно од Белград, каде нивото на водата достигна околу два метри, дел од патиштата се повторно проодни, а пожарникарите ја испумпуваат водата од дворовите. Како и на многу други места, и овде, на домовите, училиштата, продавниците напластено е сѐ: од кал и отпад до мртви животни и автомобили. Здравствените власти ги дезинфицираат објектите за да спречат зарази.
Селанката Јасмина Павловиќ, со чизми стои во водата која и е до коленици и раскажува дека освен една свиња и коза, загубила се друго во поплавите. Нејзиниот сосед ја натоварил во тракторската приколка речиси целата покуќнина која е уништена од водата со намера да ја носи на отпад.
Мините- дополнителен проблем во Босна
Во босанскиот град Добој, каде загинаа 9 лица, веќе се собрани 80 камиончиња полни со смет, но на локалната депонија нема повеќе место, па сметот мора да се исфрла на привремени локации. Она што ја компликува операцијата за чистење во Босна е стравот од мините останати од војната. Се проценува дека низ земјата сѐ уште има најмалку 120 илјади мини.
„Сѐ уште мораме да утврдиме во кој правец поплавата ги однесе мините, и постои можност дека дел од нив се веќе во Хрватска или во Србија“, вели Ахдин Ораховац од босанскиот мински центар од каде работат на поставување на нови знаци за предупредување од мински полиња.
Проблем се и животните.
„Мртвите животни мора да бидат спалени во рок од 72 часа за да се спречи ширење на зарази“, објаснува ветеринарот Един Сатировиќ. „Закопувањето на голем број животни може да донесе ризик од контаминирање на почвата“, вели тој.
Многу животни ја преживеаја катастрофата, но сега немаат доволно храна.
„Вчера, свињите и кучињата каснаа четири луѓе“, вели Винко Пизмиќ, прв човек на хрватската спасувачка служба.