1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По поплавите, на Пакистан му се заканува колера

1 август 2010

Бројот на жртвите во најголемите поплави во историјата на Пакистан се искачи на преку 900 луѓе, а властите и меѓународните организации стравуваат дека нов смртоносен бран може да донесе зачестената појава на колера.

https://p.dw.com/p/OZHQ
Фотографија: AP

Според ОН, преку еден милион луѓе се директно погодени од поплавите на северозападот на земјата. Илјадници домови и плодно земјиште се уништени по повеќедневните монсунски дождови.

„Се‘ уште ја немаме целосната слика поради нефункционирањето на комуникацискиот сервис. Не можеме да контактираме со нашите канцеларии во многу региони. Проценката е дека најмалку еден милион луѓе се погодени од поплавите“, изјави Мануел Беслер, првиот човек на мисијата на ОН за хуманитарна помош.

Властите очекуваат дека бројот на жртвите ќе расте. Иако нивото на водата почна да се намалува, уште 150 луѓе се водат како исчезнати. Локалните телевизии објавија хеликоптерски снимки на кои луѓето во погодените подрачја буквално висат на ѕидовите и покривите на она што е останато од нивните куќи, во надеж дека ќе бидат спасени.

Überschwemmung in Pakistan
Фотографија: AP

„Потрага и спасување, тоа значи да се евакуираат луѓето од опасните зони, и да се префрлат на безбедни, повисоки места. Потребни ни‘ се засолништа, и потребна ни‘ е храна. Готова храна, бидејќи немаме никаква можност во овие услови да ја подготвуваме. Конечно, имаме огромна потреба од медицинска помош и од вода за пиење“, соопшти Беслер.

Огромен број бездомници

Пакистанските власти се соочуваат и со огромен број луѓе кои во поплавите останаа без своите домови. Најмалку 3.700 куќи се уништени во регионот. Илјадници луѓе кои загубиле се’ во невремето се упатуваат кон Пешавар и други градови во околината. Како привремени засолништа се користат училишни автобуси.

Überschwemmung in Pakistan
Фотографија: AP

Локалните жители се незадоволни од помошта која ја добиваат. За западните агенции тие се жалат дека властите не обезбедиле засолништа, ниту помош за потрага по најблиските кои се водат како исчезнати.

Армијата соопшти дека испратила бродови и хеликоптери за евакуација на настраданите, а нејзините инженери работат на санација на патиштата.

Во меѓувреме, се‘ почести се извештаите за појава на колера во регионот на долината Сват. Според регионалниот министер за информации Ифтикар Хусаин, во тој предел блокирани се и околу 1.500 странски туристи.

Европската комисија одобри итна хуманитарна помош од 30 милиони евра за настраданите.

Поплавите ја заокружија трагичната недела во Пакистан, откако во средата во близина на Исламабад во авионска несреќа животите ги загубија 156 луѓе.

Автор: БГ/ЕМФ/афп/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска