Какви мерки се потребни за заштита од поплави?
21 јули 2021Следниот месец се одбележуваат пет години од катастрофалните поплави кои го зафатија скопскиот регион и однесоа 21 човечки животи во Стајковци. Една година претходно во големи поплави настрадаа и села во тетовскиот регион. Што научи земјава од тогаш до сега и дали надлежните се поподготвени да се избегне некое ново катастрофално сценарио? Овие прашања се наметнуваат по поплавите кои зафатија неколку земји во западна Европа и однесоа над 170 човечки животи само во Германија.
Метеоролозите во Управата за хидрометеоролошки работи деновиве со внимание ги следат поплавите коишто зафатија дел од Европа, а најголеми штети и жртви предизвикаа во Германија, Белгија и Холандија. Преку радарските системи на УХМР, меѓу другото, се следи и движењето на влажната воздушна маса. Половина час пред да се случи невреме, хидрологот Атанас Угрински и неговите колеги од УХМР веќе ги добиваат првите информации за нестабилните облачни маси. Но, не само тоа. Радарските системи им даваат и детални податоци за интензитетот и количината на врнежи коишто се очекуваат. Ако се приближува големо невреме, тогаш е момент да се вклучи хидроалармот и да се испрати предупредување до надлежните институции и до граѓаните.
Потребни се нови радари
УХМР располага со систем за рана најава и предупредување за временски непогоди. Станува збор за мрежа на станици, кои во реално време ги доставуваат информациите, како и радарски и сателитски мониторинг систем - па така покрај податоците се добива и визуелизација преку слики и карти. Но, потребно е константно вложување во системот, опремата, како и во обука на кадарот.
-повеќе на темата: Што не поплави: пропусните отвори или отворените пропусти?
„Радарските системи се најважни и во тој дел треба највеќе да се вложува“, вели Угрински за ДВ. Радарите се од поодамна и потребно е да се модернизираат. Станува збор за инвестиција која чини над милион евра. „Но, со вложено едно евро во системот за превенција се заштедуваат седум евра од последиците, ако се имаат предвид материјалните штети, но и човечките загуби од катастрофите“, укажува Угрински.
Со оган и со вода нема играње
Поплавите во Европа покажаа дека човекот не секогаш е подготвен да се справи со вакви природни непогоди без разлика на техничките и технолошките достигнувања на земјата. Природата, сепак, е најсилна.
Невремето проследено со поројни врнежи од дожд и поплави е често непредвидливо и тешко да се прогнозира какви последици ќе остави. Но, системот за рано предупредување е една од најважните работи во заштитата и преземањето навремени мерки со цел да се спречат катастрофалните последици од природните непогоди.
„Со оган и со вода нема играње“, коментираат нашите соговорници кои со години работат на проблематиката за намалување на ризиците и последиците од катастрофи. Нивните укажувања се дека станува збор за еден комплексен систем за заштита, каде секоја институција мора да го заврши својот дел од обврските и одговорностите. Ако еден потфрли во „алката“, последиците можат да бидат катастрофални. На тоа потсетуваат и последните поплави коишто ја зафатија Европа, а се уште се свежи сеќавањата и на поплавите во скопско Стајковци во 2016 година и во Тетовско, чии последици со години се санираа. Човечките жртви, меѓу кои имаше и деца, го вклучија алармот за бројните пропусти коишто доведоа до катастрофите и наложија итни мерки коишто требаше да бидат спроведени и на централно и на локално ниво. Но, дали нешто е преземено и колку земјата е подготвена да се справи со опасноста од нови поплави?
Како да се спречат катастрофалните последици?
Во последните две децении поплавите доминираат во профилот на опасности, а се проследени со шумските пожари. Центарот за управување со кризи, досега, почнувајќи со прогласената прва кризна состојба од шумски пожари во 2007 година, се пројави како дирекција којашто координирано со субјектите од Системот за управување со кризи управува со намалување на ризиците од кризи, нивна превенција, справување и опоравување од кризите.
-повеќе на темата: По поплавите: Затаи ли системот за заштита во Германија?
„Природните катастрофи не опоменуваат за да се зајакнува стратешката национална рамка за намалување на ризиците од катастрофи, тесно поврзана и со меѓународна соработка за кризен менаџмент. Катастрофите не познаваат државни граници“, велат од Центарот за управување со кризи. Научените лекции – и добри и лоши се патоказ за надоградување на системот за управување со кризи. Па така, од декември се најавува дека ќе профункционира повикувачки европски број за помош 112, со кој, во случај на поплава или пожар, екипите веднаш ќе се алармираат и ќе излезат на терен. Очекувањата се дека на тој начин ќе се отстранат досегашните недостатоци во системот за рано предупредување. Во функција се и два други системи и апликации за навремено споделување на информации во случај на катастрофа.
ЦУК е одговорен да ги координира активностите на сите учесници во системот за управување со кризи, да обезбеди континуирана меѓусебна комуникација и соработка за прибирање на податоци и да информира и предлага мерки за ризиците и опасностите коишто можат да ги загрозат граѓаните. Но на терен, примарната одговорност е во рацете на локалната самоуправа, којашто располага со средства и треба континуирано да работи на остранување на „ризичните точки“ - почнувајќи од чистењето на реките и речните корита и канали, кои во минатото се покажаа како чест причинител за излевање на водата и предизвикување на поплави.
„Но, често општините место да ги користат парите за тоа, ги пренаменуваат за изградба на патишта. Но, кога ќе надојде поплава ќе ги однесе патиштата“, коментираат познавачите на состојбите. Тие укажуваат дека со стихијни мерки нема да го решат проблемот. Потребно е да се делува на повеќе нивоа.
Пропусти
Од 2013 до 2016 година, Северна Македонија се соочуваше со катастрофални последици во пролетниот и во летниот период како резултат на поплавите, а најсериозни штети имаше во Скопско, во Тетовско, во Пелагонија и во Струмичкиот регион. Непреземање правилни мерки од страна на државните институции, уништувањето на природата, проблематичните законски решенија и човечкиот фактор, се најчести причини коишто досега придонеле за катастрофални штети од поплавите.
Поплавувањето е резултат и на големите пропусти при урбанистичкото планирање, неправилното управување со водите, уништувањето на шумите и исфрлањето на отпад во области изложени на поплави.
-повеќе на темата: Поројот ги покажа двете лица на Македонија
Уништувањето на шумите во голема мера придонесува за поплавувањето на земјоделските површини. Токму на овој проблем е насочена подолгорочната стратегија која што се подготвува со јапонски експерти. „Во стратегијата се посочува дека е многу подобро да се стартува со садење дрва на ридско-планинските подрачја, кои ако се негуваат и се воспостави ред во однос на сечата, ќе придонесат да се задржува водата во почвата и да се спречи нејзино влевање во речните корита“, вели за ДВ Горан Стојановски, в.д. раководител на Секторот за операции и координации на ЦУК.
Фрлањето шут во каналите е долгогодишен проблем. Луѓето фрлаат сè и сешто - облека, градежен шут, бела техника. Трактори и камиони отпад се истовараат во каналите за одводнување - со топењето на снегот сиот шут испливува на површина. Но, локалната самоуправа и надлежните институции се должни навремено да реагираат за чистење на каналите. Со санкционирање на „несовесните“ граѓани исто така ќе се спречи ваквото штетно однесување.
Стојановски потсетува и дека локалната самоуправа е должна да ја одржува атмосферската и фекалната канализација. Еднаш месечно екипи треба да вршат преглед на теренот, со цел да не дојде до ситуација да се повтори катастрофата од Стајковци.
Процените на штетите од поплавите покажуваат дека тие се сè уште многу повисоки од трошоците за спроведувањето на превентивните мерки. Превентивните мерки за заштита од поплави, како што се регулирањето на речните корита, изградбата на насипи, пошумувањето, чинат помалку во однос на санацијата на штетите што можат да настанат со поплавите. Проблемот е во тоа што за превенција обично нема пари, но подоцна мора да се најдат пари за санација на штетите.