1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По компромисот во Берлин - Австрија ќе ги штити границите

ЖА / агенции
3 јули 2018

По германскиот компромис околу мигрантската политика, Австрија најави воведување соодветни мерки, чија првенствена цел би била заштита на државните граници кон Италија и Словенија.

https://p.dw.com/p/30iYQ
Österreich Regierung PK Imame Ausweisung
Фотографија: picture-alliance/dpa/APA/R. Jaeger

Веднаш по постигнатиот компромис меѓу германските сестрински партии ЦДУ и ЦСУ во спорот околу мигрантската политика, Австрија се подготвува за сопствени национални мерки заради заштита на своите граници. Ова произлегува од заеднички издаденото соопштение на австрискиот канцелар Себастијан Курц, вицеканцеларот Хајнц-Христијан Штрахе и министерот за внатрешни работи Херберт Кикл.

Се исчекува сѐ уште дали компромисот на партиите ЦДУ и ЦСУ во Берлин ќе биде поддржан од целата влада. „Доколку постигнатата согласност стане германска владина позиција, се чувствуваме принудени од преземање активности со цел да оневозможиме неповолности по Австрија“, се вели во соопштението. Во него се појаснува дека Австрија е спремна на преземање посебни мерки за заштита на своите граници кон Италија и Словенија. Курц повеќепати во изминатите недели истакнуваше дека дел од дебатата е и воведување гранични контроли на италијанско-австрискиот граничен премин Бренер.

Австриската коалиција во целина се чувствува потврдена во својот став. „Германските размислувања уште еднаш ја потенцираат важноста од  заедничка европска заштита на надворешните граници,  а се потврдува и австриската позиција, дека Европа без внатрешни граници е можна единствено со функционални надворешни граници“.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер во меѓувреме најави за скоро време да отпатува во Виена на разговори околу договор за прифаќање на вратени бегалци. ЦДУ и ЦСУ синоќа најавија намера за отворање транзитни центри на германско-австриската граница, од кои барателите на азил директно ќе можат да бидат враќани во надлежните земји, односно онаму каде е извршена нивната прва регистрација во ЕУ.