По атентатите од Бомбај Индија и Пакистан на курс на конфронтација?
30 ноември 2008По крвавите терористички напади во индиската метропола Бомбај полицијата се концентрира врз потрагата по организаторите. Според најновите податоци станува збор за вкупно 10 терористи, од кои само еден преживеа. Тој потекнува од Пакистан, додека потеклото на останатите за сега не е познато. Според неговите изјави меѓу другото било планирано да се крене во воздух луксузниот хотел „Таџ Махал“.
Обвинувањата на индиските власти дека соседен Пакистан е вмешан во нападите наидоа на категорично отфрлање од Исламабад. „Пакистан не е вмешан во овој одвратен чин и нема никаква причина да бидеме во дефанзива“ - порача пакистанскиот министер за надворешни работи Шах Мехмуд Куреши. Тој исто така изјави дека информациите за зголемување на напнатоста меѓу двете соседни земји се претерани. Тој порача дека се надева оти проблемите можат да се решат.
Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер ги повика обете страни на разум. Какво и да е поинакво однесување може да доведе до сериозна дестабилизација на целиот регион, особено поради фактот што како Индија, така и Пакистан се атомски сили, предупреди Штајнмајер.