1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Плевнелиев испратил писмо до Иванов

Катерина Блажевска 17 мај 2014

Во писмото до македонскиот претседател Иванов, бугарскиот претседател Плевнелиев изразил очекување, по формирањето на новата Влада на Република Македонија, во Софија да биде потпишан Договор за добрососедство.

https://p.dw.com/p/1C1j2
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

Бугарскиот претседател Росен Плевнелиев ја прифаќа понудата од македонскиот колега Ѓорѓе Иванов, Декларацијата за сорботка од 1999 година да биде преточена во нов Договор за добрососедство и соработка. Како што пренесуваат бугарските медиуми, повикувајќи се на кабинетот на бугарскиот претседател, Плевнелиев ова го соопштил во писмо испратено до Иванов.

„Со подготовност го примам искажаниот предлог од Вас, Декларацијата на премиерите на Република Бугарија и на Република Македонија од 1999. година да биде трансформирана во Договор за добрососедство и соработка. Убеден сум, дека ако се почитуваат стриктно клаузулите на тој договор, нашите две држави ќе покажат политичка волја да бидат заедно дел од големото европско семејство, споделувајќи ги вредностите на демократијата“, напишал Плевнелиев во писмото до својот колега, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Односите меѓу Бугарија и Македонија треба да се развиваат врз основа на европските вредности и стандарди за добрососедство и соработка, нагласил бугарскиот претседател во писмото. Притоа, изразил очекување во најкраток можен рок, по формирањето на новата Влада на Република Македонија, да биде реализирана средба за прецизирање на техничките параметри на Договорот за добрососедство и соработка и по исполнувањето на соодветните внатрешнополитички процедури - да биде организирано неговото потпишување во Софија.

Rossen Plewneliew PK in Berlin 09.05.2014
Росен ПлевнелиевФотографија: DW/S. Padori - Klenke

„Уверен сум, дека тој акт ќе даде дополнителен стимул за активизирање на соработката меѓу нашите две држави во сите области“, посочил во писмото бугарскиот претседател.

Заедничко чествување

Тој го споделува и ставот за неопходноста од развојот и зацрвстувањето на регионалната соработка во интерес на заедничката желба за поврзаност на патните, железничките и енергетските мрежи во Југоисточна Европа.

„Вашиот предлог за заедничко поклонение на гробот на Св. Константин Кирил Философ на 24 мај годинава во Рим соодветствува на нашата желба за заедно да ја чествуваме заедничката историја, кога одбележуваме заеднички, за двете држави, историски личности и настани“, се вели во писмото на Росен Плевнелиев. Тој, сепак, посочува, дека оваа година двете делегации ќе го посетат Рим во различно време.

Бугарскиот претседател потенцира дека амбасадорот на Република Бугарија во Италија ќе се поклони заедно со делегацијата на Република Македонија на гробот на Свети Кирил и затоа очекува и македонскиот амбасадор истото да го направи и да се придружи на бугарската делегација.

„Искрено се надевам, дека таа практика ќе се претвори во традиција, која е важно уште следната година да биде спроведена и со заедничка аудиенција кај Неговата Светост Папата. Очекуван од нас позитивен чекор за создавање на атмосфера на доверба и соработка, би имало и заедничкото чествување на Илинденско-Преображенското востание соодветно во Република Бугарија и во Република Македонија, уште од оваа година“, вели Плевнелиев.

Во писмото, тој ја потврдува поддршката, која Република Бугарија ѝ ја дава на Република Македонија на патот на нејзината интеграција во европските и евроатлантските структури. Плевнелиев, на крајот од писмото на колегата Иванов и на граѓаните на Република Македонија им посакува лична среќа, просперитет и благосостојба.

Брза реакција

Пред една недела, бугарскиот претседател Росен Плевнелиев изјави дека македонската влада ја прогласила за неважечка Декларацијата од 1999 година.

„Секако дека Бугарија се залага за добар договор за добрососедски односи. Тоа е стандарден документ кој може да се состави во неколку часа. Ние исто така велиме дека потпишувањето на старата декларација за добрососедските односи може да го има истиот ефект. Воопшто не разбираме зошто денешните власти во Скопје се откажаа од оваа добра декларација за добрососедски односи", потенцира Плевнелиев.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во изјава за МИА експресно му одговори на бугарскиот колега.

Mazedonien - Präsident Gorge Ivanov
Ѓорге ИвановФотографија: MIA

„Се согласувам целосно со него дека потпишувањето на старата Декларација за добрососедски односи може да го има истиот ефект. Воедно, предлагам ние двајцата да го направиме тоа веднаш и неодложно, во Софија или Скопје“, рече Иванов.

Писмото на Плевнелиев, покажа дека ставот на Иванов наишол на поддршка и позитивни оценки од официјална Софија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема