1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Пирански Залив: строго контролирани инциденти

Денис Ромац
15 јануари 2018

Хрватските рибари веќе не излегуваат на море во Пиранскиот Залив без полициска придружба, додека словенечките засега не ја преминуваат линијата, очекувајќи претходно политичарите да ја завршат својата работа.

https://p.dw.com/p/2qqcF
Grenzstreit zwischen Slowenien und Kroatien
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Bat

По неколку бурни денови, во Пиранскиот Залив завладеа затишје.  Причина е лошото време, поради кое хрватските и словенечките рибари не испловуваа на отворено море, но и фактот што хрватско-словенечкиот арбитражен спор се пресели на дипломатски терен. Но, напнатоста останува, а таквиот впечаток го засилува присуството на хрватската полиција во Савудрија, но и на словенечката на словенечката страна на границата, кај живописните Сечовељски солани, кои во минатото често беа предмет на политички спорови и војни, во времињата кога солта била драгоцена суровина и стратешка стока.

Хрватските рибари, кои во савудриското пристаниште ги чистеа мрежите, подготвувајќи се за следното испловување кога ќе се поправи времето, сепак не го криеја задоволството. Од Љубљана најавените драконски казни за хрватските рибари, поради рибарење во „словенечко море“ во Пиранскиот Залив, не стигнаа на нивните куќни адреси. 

Kroatien Fischer Danilo Latin
Данило ЛатинФотографија: DW/Denis Romac

Данило Латин, неформален гласноговорник на савудриските рибари, верува дека нема ни да стигнат. „Словенечката страна имаше доволно време, од 30. декември досега да ги достави казните, ако имаше таква намера. Мислам дека сепак стануваше збор само за закани, кои за среќа, не се реализираат. Веројатно сфатија дека не постојат законски основи за казнување на хрватските рибари“, оптимистички заклучува Латин, кој со години, по силата на приликите, непосредно е вклучен во долгогодишниот непријатен спор. 

Во случај да стигнеа најавените словенечки казни, сепак би било пресудно непостоењето прифатена и усогласена граница на море, која во секоја правна држава е предуслов за санкционирање на недопустливо преминување на границата, верува тој.

Polizeiboot Kroatien
Хрватски полициски брод во СавудријаФотографија: DW/Denis Romac

Со секој рибарски - два полициски бродови

Хрватските рибари во Савудрија не го сокриваат задоволството ни во поглед на добиената поддршка и заштита од полицијата. Во изминатите месеци, а посебно недели, полицијата константно го зголемуваше присуството во спорната акваторија. Во моментот на нашето присуство во савудриското пристаниште, таму беа три полициски бродови. Како што ни објаснуваа рибарите, полициските бродови, задолжени да се грижат за границата, не се секогаш на линијата на поделба во Пиранскиот Залив. Тоа, велат тие, не е ни потребно, без оглед што границата во Пиранскиот Залив моментно е една од најнадгледуваните граници во овој дел од светот. Имено, постои непрекинат видео надзор на тоа подрачје, а снимките се следат во центрите во Пула и во Задар. Оттаму, полициските бродови испловуваат само по укажана потреба, односно како придружба на рибарските бродови.  

Повеќе на темата: 

Југословенското наследство ѝ носи на ЕУ нови непријатности

Граничен спор: Словенија и Хрватска одат кон судир

Арбитража: Во Хрватска лути, во Словенија незадоволни

А рибарите веќе воопшто не излегуваат на море во овој дел од Јадран без полициска придружба, секое рибарско бротче го следат два полициски брода: првиот, во случај на доаѓање на словенечка полиција, стои пред рибарскот брод, а вториот полициски брод - глисер, се приближува до хрватскиот рибарски брод, оневозможувајќи му на словенечкиот полициски брод да пријде и да оствари физички контакт.

Во таков момент словенечката полиција со мегафон и вклучени ротирачки светла ги предупредува хрватските рибари дека вршат прекршок, односно се наоѓаат во словенечки води, додека пак истовремено хрватската полиција ја предупредува посадата на словенечкиот полициски брод дека таа врши прекршок.

Fischerei in Kroatien
Хрватски рибари во СавудријаФотографија: DW/Denis Romac

Инструкции за избегнување инциденти

Без оглед на потенцијално конфликтната ситуација, според кажувањето на нашите соговорници, меѓу хрватската и словенечката полиција на море не доаѓа до вистински конфликт. Полициските бродови, и хрватските и словенечките, обично остануваат на исто место уште извесно време, додека рибарскиот брод не ги спушти или собере своите мрежи, па потоа сите мирно се разминуваат. Словенечката полиција се враќа во Пиран, додека хрватската ги придружува рибарите на нивниот пат до Савудрија. Значи, очигледна е добра контрола и следење инструкции за избегнување на инциденти. Такви инструкции, ни објаснуваат, полицијата добива и на едната и на другата страна, зашто, да не е така, сигурно би доаѓало до судири. 

Во слични ситуации во минатото, кога станувало збор за италијански рибари затекнати во криволов, не било реткост  запленување на нивните бродови. А во уште подалечно минато, во времето на бившата држава, имало и трагични случаи, кога од југословенски полициски бродови се пукало на италијанските криволовци, па имало и настрадани.

Савудриските рибари признаваат дека рибарењето во вакви услови, под постојан надзор на полициски бродови, не е лесно. Спорниот дел од Пиранскиот Залив не е голем, зашто оддалеченоста меѓу средната линија и арбитражната граница, на линијата меѓу Савудринскиот ‘Рт и ‘ртот Мадон кај Пиран, според зборовите на рибарите, не е голема и изнесува меѓу 700 и 800 метри. Но, кон морската граница со Италија, спорната површина на шири на оддалеченост од преку три наутички милји, што е подрачје на потенцијални инциденти.

Slowenien Piran Fischer Zlatko Novogradec
Златко НовоградецФотографија: DW/Denis Romac

Словенечките рибари само до средната линија

На другата страна на Савудриска Вала, која е дел од Трстанскиот Залив, во рибарското пристаниште во Пиран го затекнавме единствено Златко Новоградец, пирански рибар-ветеран, но и ветеран во хрватско-словенечката „рибарска војна“.

Овојпат, во последниот бран тензии и инциденти во Пиранскиот Залив, Новоградец не учествувал, исто како и неговите колеги, кои ги нема повеќе од двасестина. „Иако од нашата влада добивме инструкции дека можеме да рибариме до граничната линија која ја одреди Арбитражниот суд, ние, малите рибари на словенечката страна, уште се држиме до таа утописка линија на средината, која хрватската страна, без оглед на одлуката на Арбитражниот суд, ја смета за граница. На таков начин сакаме да избегнеме инциденти и нормално да ја вршиме својата работа, а во оваа приказна тоа е најважно“, објаснува Новоградец.

Соодветно на тоа, тој и неговите колеги, малите рибари, немаат потреба од полициска заштита, за разлика од хрватските рибари. Тоа не значи дека Новоградец и неговите колеги не сакаат да рибарат до линијата на новото арбитражно разграничување. Сакаат, но очекуваат, пред да излезат на „арбитражната граница“ во Пиранскиот Залив, политичарите да ја одработат својата работа.

„Сакаме мирно да рибариме, не сакаме да учествуваме во инциденти и не сакаме да се најдеме во улога да бидеме нечии играчки. Не е наша работа со нашите тела да ја браниме таму границата. Тоа е работа на политичарите. Ако се појавиме во тој дел од морето, тогаш хрватската полиција нам ќе ни пишува казни, тврдејќи дека вршиме прекршок. Ние не го сакаме тоа, зашто тоа не води никаде. Така не можеме да работиме“, порачува овој искусен словенечки рибар.