1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово - „Митовите на суд“

Зоран Јордановски/зц/бц/нцц5 август 2015

Во печатот на германски јазик: клучна улога на специјалните трибунали за воени злосторства во помирувањето на завојуваните народи. Завист и комплекси на пониска вредност го карактеризираат словенечко-хрватскиот ривалитет

https://p.dw.com/p/1GAMI
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Slatensek

„Зиддојче цајтунг“, коментирајќи го решението на косовскиот парламент за уставни измени, со што е отворен патот за формирање специјален трибунал за Косово, акцент става врз значењето на таквите судови за соочување на народите со сопственото минато.

„Прво татне војна, потоа митови го трујат идниот соживот на народите што учествувале во неа. Секоја страна само себе си се гледа како жртва и само кај себе гледа херои. Се’ додека тоа останува така, не може да има помирување. И поради тоа е важно независни судови да се обидат да ја утврдат историската вистина. (...) Тоа конкретно се покажува на Балканот. (...) Дури процесите на Хашкиот трибунал за екс-Југославија доведоа до таму, народите темелно да се конфронтираат со злосторствата извршени од сопствена страна. Тоа предизвика, иако бавна, промена на свеста“. Но, некои најтешки злосторства, меѓу нив и убиствата, за кои се претпоставува дека се дело на косовската УЧК, остана неказнети. Затоа во коментарот се поздравува согласноста за формирање на идниот специјален трибунал за Косово под меѓународна контрола, кој „ќе им покаже на Косовците дека тие не беа само жртви и ќе го демантира прекорот од Србите дека тие биле перцепирани од светското правосудство само како сторители“, се вели во коментарот на „Зиддојче Цајтунг“.

Растечко отуѓување меѓу Косово и меѓународната заедница

На истава тема се задржува и „Ное Цирхер Цајтунг“, а во фокусот се отпорите против формирањето таков трибунал. Tиe, според весникот, се базираат врз прагматични и идеолошки основи. „Некогашните припадници на УЧК, кои денес сочинуваат дел од политичката елита, стравуват дека ќе бидат обвинети. Со оглед на тоа дека обвинението, 16 години по настаните, претежно се потпира врз искази нa сведоци, времето работи во полза на обвинетите. Колку подолго ќе трае до почетокот на процесите, толку повеќе сведоците ќе може да бидат поткупени или замолчени. Хашим Тачи, инаку една студена глава, по објавувањето на извештајот на Марти (Дик Марти, подготвувач на извештајот за Советот на Европа, го обвини Тачи како водач на групата во УЧК на која и’ припиша убиства, протерувањa и трговија со органи извадени од заробеници - н.з.) се закани дека ќе ги објави имињата на оние, кои ќе кооперираат во истрагата.

Slowenien Bucht bei Piran
Пиранскиот заливФотографија: picture-alliance/dpa/T. Brey

На идеолошко ниво во прашање е историската слика за Косово. Во официјалната варијанта борбата на УЧК била ’чиста‘: праведна, национално-ослободителна војна против српската држава која во1912 го потчинила, а потоа и брутално го колонизирала Косово. Во таа војна, според тој наратив, злосторства извршил исклучиво српскиот апарат за репресија. Кој и’ припишува такви и на УЧК, ги валка спомените на ’мачениците’.

Конечно, има и трет мотив зошто многумина во Косово го отфрлаат новиот суд: странските судии, кои во странство ќе ги донесат пресудите за Косовци. Специјалниот меѓународен суд јасно го покажува тесно ограничениот суверенитет на Косово“. Многумина, стои понатаму во текстот, „по туѓото српско владеење“, сега во меѓународните претставници гледаат „нови колонијални владетели“. Но, поради несогласувањата околу специјалниот суд порасна недовербата и кај меѓународните сили-заштитнички на Косово. „Во приватен разговор косовската политичка класа често паушално се означува како корумпирана и криминална. Не ретко се слушаат и расистички тонови во однос на населението. Изгледа како само од себе да се исполнува претскажувањето за колонијализам што се надвиснува“, се вели на крајот од написот во „Ное Цирхер Цајтунг“.

„Ривали на Јадранот“

„Берлинер цајтунг“ се задржува на спорот меѓу Словенија и Хрватска во однос на суверенитетот врз Пиранскиот залив и констатира: „Непопустливоста на Загреб е разбирлива, оти владата во Љубљана лошо се однесуваше кон соседот: прво Словенија со правото на вето го блокира приемот на Хрватска во НАТО, а потоа цела година и пристапувањето кон ЕУ. Дури под таква уцена тогашниот хрватски премиер Јадранка Косор се реши да се подложи на милост и немилост на еден меѓународен ад хок суд и безусловно да ја прифати неговата одлука. Дури тогаш беше слободен патот на Хрватска во ЕУ“.

Меѓусебните задршки разгорени со спорот ги карактеризираат завист и комплекси на пониска вредност, констатира авторот Норберт Мапес-Нидик, па вели: „Навистина, обете нации никогаш не војувале меѓусебе, но нивниот ривалитет датира длабоко во југословенската, па дури и во австро-унгарската историја. Уште во кралството Југославија, а потоа и во Титово време, Словенците беа појугословенски настроени и за тоа беа емоционално наградени од Белград, додека Хрватите постојано беа сметани за несигурни кантонисти. Хрватските националисти не оддаваат признание дека Словенија е поразвиена, побогата и попрозападна отколку Хрватска: за ’историската нација‘ со сопствено благородништво, права и граѓанство, словенските соседи беа и останаа необразован селски народ од исклучиво новопечени богаташи“, пишува „Берлинер цајтунг“.