Петреус ќе ги штити војниците и цивилите во Авганистан
1 јули 2010На денешната средбата со генералниот секретар на НАТО, Андерс фог Расмусен во Брисел, Петреус доби полна поддршка за продолжување и успешно завршување на воениот ангажман во Авганистан. Новиот командант на 120-те илјади војници во меѓународната мировна мисија за Авганистан изјави дека ќе ги штити војниците со сите можни средства. Врз моите плеќи лежи моралната обврска да ги искористам сите расположливи средства ако нашите војници се најдат во тешка ситуација - порача генерал Дејвид Петреус на средбата со генералниот секретар на НАТО, Андерс фог Расмусен во Брисел. Меѓу војниците на НАТО во Авганистан се шири незадоволство од често бирократската примена на правила на воената служаба во оваа мисија, порача Петреус, додавајќи дека нема намера да ги менува правилата, туку да поведе повеќе сметка за нивна уедначена примена.
Двојна стратегија
Генерал Петреус нагласи дека има намера да следи двојна цел на овој план. Од една страна, тој останува на приоритетите од стратегијата на неговиот претходник Стенли Меккристал, која подразбира максимално одбегнување цивилни жртви во борбите против талибанските бунтовници. Од друга страна Петреус има намера да обезбеди максимална заштита на НАТО војниците и нивните сојузници на авганистанските боишта. Командантите на теренот се во состојба да ги спроведат двете цели истовремено, порача Петреус и додаде: „Мораме сите да соработуваме. Мораме да соработуваме во рамките на американските воени структури, исто така во поголемата структура на ИСАФ силите, како и со авганистанските партнери. Мораме да оствариме единство во напорите за да ги оствариме заедничките цели!“
Генералниот секретар на НАТО, Андерс фог Расмусен, на средбата со Петреус порача дека стратегијата на Меккристал останува на сила. „ Ова е смена на кромилото, но не и смена на стратегијата“, нагласи Расмусен. Веднаш по разговорите со генералниот секретар на Алијансата, новиот командант на ИСАФ силите, генерал Дејвид Петреус, се упати кон Авганистан.
Автор: ГЧ/СН/дпа/ап