1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски: Македонија ќе испраќа војници во Африка

БГ
9 декември 2019

Мал контингент македонските војници ќе земат учество во француските мировни мисии во Африка, соопшти шефот на државата Стево Пендаровски во интервју за Зидојче цајтунг. Тој предлага и условено членство во ЕУ.

https://p.dw.com/p/3UW6f
Zentralafrikanische Republik - UN Blauhelme
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J. Delay

Македонски војници наскоро ќе бидат распоредени во мировни мисии кои ги предводи Франција во Африка, најавува во германскиот весник Зидојче цајтунг, шефот на државата Стево Пендаровски.
„Се подготвуваме со еден мал контингент за учество во мисиите предводени од Франција во Африка“, вели Пендаровски во интервјуто објавено денеска. 
Според информации на ДВ, Пендаровски веројатно го најавил учеството во мисијата во Централно африканската република кое владата го одобри уште во септември годинава. Се работи за две лица, ткн. штабен персонал кои треба да и се приклучат на мисијата на ЕУ во ЦАР со која раководи Франција. Но можно е втор контингент војници да се упатат и во француската мисија во Мали.

Исклучување од ЕУ?!
Претседателот Пендаровски смета дека треба да постои можност новите членки на ЕУ во иднина да се исклучуваат од припадност во клубот доколку се оддалечат од демократските стандарди на Унијата.
„Зошто да не се исклучуваат новите членки доколку повторно се оддалечуваат од демократијата?“, вели Пендаровски во интервјуто за Зидојче цајтунг. Тој му го пренел овој став и на францускиот претседател Емануел Макрон на нивната средба во Париз минатиот месец. Франција претходно го блокираше почетокот на преговорите на Скопје со ЕУ барајќи претходно реформа на методологијата на преговарачкиот процес. За македонските граѓани тоа беше „непријатно изненадување“, вели Пендаровски и додава дека има разбирање за критиката на Макрон.
„Помалку или повеќе сите во ЕУ се согласни дека е потребна подобра методологија, подобри кандидати и подоцна подобри членки“, вели тој. „Растот на авторитарноста во Европа има врска и со тоа што некои процеси повеќе беа бирократски отколку објективни“, смета Пендаровски. За шефот на државата не е толку спорна блокадата во ЕУ колку нејзиниот тајминг. „Со години ЕУ не убедуваше дека земјата ги исполнила сите критериуми за почеток на преговорите, и останува решение на спорот за името со Грција“. Спорот сега е решен, но тоа според Пендаровски во ниту еден случај не било грешка, затоа што решението го отворило патот за членство и во НАТО.
Пендаровски ја критикува и ЕУ затоа што повторно го ставила Балканот на „дното на политичките приоритети“.
„Многумина ја заборавија бегалската криза од 2015 година кога милиони луѓе поминаа преку балканската рута. Тоа може да се повтори и ќе биде грешка овие земји да се сметаат за бафер зона“, предупредува Пендаровски во интервјуто за Зидојче цајтунг.

Frankreich Macron und Pendarovski in Paris
Пендаровски вели дека има разбирање за критиката на Макрон за преговарачкиот процес на ЕУФотографија: Getty Images/AFP/L. Marin