1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партијата на Ердоган: Полицијата користеше прекумерна сила

Александар Методијев/миа/афп8 јуни 2013

Раководството на Партијата на правдата и развојот утврди дека турските полицајци употребиле прекумерна сила за растерување на демонстрантите, изјави Мутлу Алкан, една од најблиските соработници на премиерот Ердоган.

https://p.dw.com/p/18mFt
Фотографија: Reuters

„Во паркот Гези се собраа луѓе, кои навистина беа загрижени за животната средина. Според мене тоа не предизвика никакви проблеми, со оглед на тоа што демократско право на народот е да ги изразува своите барања. Потоа учесниците во акцијата беа растерани со голем притисок и примена на сила. Тоа ги зајакна протестните активности и го зголеми обемот на демонстрациите. Без таквата интервенција на полицијата ситуацијата сега ќе беше многу помирна“, нагласи таа.

Алкан додаде дека се’ уште се истражуваат причините за употреба на прекумерна сила во растерувањето на демонстрантите.

„Откако се случи тоа што се случи се активираа и други групи на лица, кои сакаат да ја вжештат ситуацијата и да ја одведат во друга насока. Треба јасно да се разграничат оние, кои сега се во паркот и протестираат мирно, од провокаторите, кои имаат за цел да им нанесат штета на државната и општествена сопственост и на цивилите, нагласи Алкан.

„Сметам дека пропуст на Партијата на правдата и развојот и на Владата е што досега не успеаја да им ја објаснат на граѓаните суштината на проектот за реконструкција на плоштадот Таксим и паркот Гези. Засега е решено таму да бидат изградени објекти, но зелената зона ќе биде зачувана. Дрвјата нема да бидат искорнати. Напротив ќе бидат засадени нови“, истакна таа.

Алкан уште додаде дека раководството на Партијата на правдата и развојот е подготвено да ги сослуша предлозите на демонстрантите, доколку тие се во согласност со законот.

Türkei Proteste gegen die Regierung in Ankara 06.06.2013
Протестите се одржуваат секојдневно од 31 мајФотографија: Adem Altan/AFP/Getty Images

Демонсрантите и натаму на улица

Илјадници гневни Турци и денеска излегоа на улиците за да се приклучат кон масовните антивладини демонстрации, отфрлајќи го повикот на премиерот за ставање крај на немирите.

Демонстрантите свиреа со свирчиња и вееја знамиња на истанбулскиот плоштад Таксим, кој е епицентар на протестите од нивниот почеток на 31 мај. Дел од демонстрантите донесоа храна и ќебиња и сакаат викендот да го минат во протестниот камп во паркот Гези.

„До пред една недела не можев да си замислам дека ќе спијам надвор на улиците во Истанбул“, вели 22-годишната Алејна, покажувајќи ги своите валкани алишта. „Сега дури не знам ни како ќе се вратам назад“, додава таа.

Нови демонстрации беа одржани и во главниот град Анкара, каде на централниот плоштад Кизилај се собраа повеќе од илјада луѓе, кои пееја револуционерни песни и танцуваа.

Демонстрациите избија поради планот за градење на бараки од отоманско време во паркот Гези. Реализацијата на планот политичарите ја оправдуваат со даденото предизборно ветување, а активистите за заштита на природата се противат на тоа со објаснување дека на местото на кое ќе се градат бараките ќе треба да бидат исечени многу дрвја.