1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партијата на Ангела Меркел пред нов тежок пораз

18 септември 2011

Владејачката ЦДУ на канцеларката Меркел се соочува со нов пораз на регионално ниво, овојпат на денешните покраински избори во Берлин. Тоа би бил шести пораз едноподруго за Меркел.

https://p.dw.com/p/12bSO
Ангела МеркелФотографија: dapd

Конзервативците на канцеларката Ангела Меркел се соочуваат со тежок пораз на покраинските избори кои денеска се одржуваат во главниот град Берлин. Доколку се исполнат прогнозите тоа ќе биде шестиот пораз едноподруго на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Меркел на регионалните избори во 2011 година.

Анкетите покажуваат дека ЦДУ ќе освои околу 22 отсто од гласовите на денешното гласање во градот-покраина Берлин, далеку зад Социјалдемократската партија на која и‘ се предвидува поддршка од околу 31 процент и останување на власт во коалиција со Партијата на зелените или со Партијата на левицата.

Уште полоши вести може да очекуваат коалициските партнери на Меркел, Слободните демократи (либерали), кои се во опасност да не ја минат ниту границата од 5 проценти потребна за влез во покраинскиот парламент. Доколку се остварат прогнозите, тоа ќе биде петти пат на седмите регионални избори годинава на кои либералите нема да успеат да го исполнат минималниот цензус, откако на парламентарните избори во 2009 година освоија 14,6 проценти од гласовите на граѓаните. Предвидувањата се дека по новиот неуспех на либералите ќе биде огромен притисокот и за смена на актуелниот шеф на дипломатијата Гидо Вестервеле кој доаѓа од таа партија.

Партијата на пиратите најголемо изненадување

Piratenpartei Deutschland Parteitag 2010 Berlin Wahl 2011
Партијата на пиратите, според анкетите, е најголемата вонпарламентарна партија во ГерманијаФотографија: picture alliance/dpa

Што се однесува до изненадувањата, аналитичарите очекуваат успех на Партијата на пиратите, која се залага за ревизија на актуелните правила за корисничките права на интернет и за поголема приватност во тој сектор. Анкетите покажуваат поддршка од 9 проценти за оваа партија, која влече корен од истоимената партија во Шведска.

Актуелниот градоначалник, социјалдемократот Клаус Воверајт е пред сигурна победа и обезбедување на трет мандат на чело на главниот град. Прогнозите се дека по евентуалната нова убедлива победа, Воверајт може да се наметне и за главен противкандидат на Меркел на парламентарните избори кои се очекуваат во 2013 година.

Очекувањата се дека Партијата на зелените ќе оствари најголем пораст во резултатот, со проценет рејтинг на околу 18 проценти.

Автор: Борис Георгиевски/ројтерс/дв

Редактор: Жана Ацеска