1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партискиот конгрес на СПД – обид за пресврт?

29 октомври 2007

Долгата предизборна кампања за наредните парламентарни избори по околу две години веќе започна. Коментар на Александер Кудашеф

https://p.dw.com/p/Bxku
Курт Бек по реизборот за претседател на СПД со преку 95 насто од гласовитеФотографија: AP

За СПД тоа беше конгрес во тешко време за таа партија. Резултатите во сите анкети на јавното мислење се депримирачки, речиси на историски најниско ниво. Покрај тоа, СПД е притисната од две страни. Левичарската партија на социјалдемократите успешно им ги одзема темите и избирачите. Неопходните реформи на социјалната држава СПД ги плати со политичката веродостојност како левица, како социјална сила – и тоа иако тие реформи се успешни.

СПД е притисната и од ЦДУ, која откако седна на владината клупа заборави на своите поранешни пазарно-реформистички амбиции и сега практично се покажува посоцијалдемократска, отколку самата СПД. Тие притисоци во изминатите две години ја доведоа СПД до самоочајување и речиси до резигнација.

Конгресот во Хамбург требаше пред се’ да значи решеност за пробив, за да се врати самодовербата. Иницијатор беше Курт Бек, од пред година ипол претседател на партијата. До пред собирот во Хамбург беше сметан за слаб шеф, на Конгресот се наметна како неспорен број 1. Тој докажа дека е тактички вешт. Настапите и реториката не му се сјајни, но го прикажуваат како реалистичен политичар. Партијата, во секој случај, го цени неговиот стил, а допрва ќе мора да се покаже дали тоа ќе “пали” и кај избирачите во Германија.

Новата програма - за самоубедување и за изострување на профилот

СПД усвои и нова програма во која социјалдемократите се декларират како голема, левоориентирана народна партија, се определуваат за демократски социјализам и сакаат хумано и фер да ја креират глобализацијата. Но, тие пред се’ се стремат кон општество во кое сите луѓе имаат еднакви шанси за подем – една речиси класична социјалдемократска идеја. Новата програма треба да служи навнатре за сопствено убедување, а на надвор за изострување на профилот.

Но, СПД како партија страда од тоа што во Берлин мора да владее во голема коалиција. Таа очигледно трпи од прагматизмот на политичкото секојдневие, од принудите кои не можат да се превидат. Сепак, партијата на впечатлив начин застана зад политиката спрема Авганистан на својот министер за надворешни работи Штајнмаер. За партија со таква мировна традиција не беше лесен чекор ни одобрувањето на учеството во антитерористичката борба предводена од Американците. Така, СПД покажа вчудовидувачка мера на надворешно-политички реализам.

СПД на конгресот се покажа како сплотена партија, ги остави зад себе фракционерските борби, се собра зад претседателот. Со програмата си даде побргу традиционален левичаски профил и се прости од сите нови патишта и од новиот центар, околу кого долго се ангажира.

СПД сака да поведе политичка борба против Левичарската партија, но исто така и против канцеларот Ангела Меркел, која досега внатрешно политички остана неодредена и незадолжителна - и и покрај тоа ужива во политичкиот успех. По Хамбуршкиот конгрес владеењето во големата коалиција ќе биде потешко – не надворешно-, туку внатрешнополитички. Долгата предизборна кампања за наредните парламентарни избори по околу две години веќе започна.