Одговор кој не е одговор
12 март 2019Кога конечно ќе стигне германскиот одговор до Макрон? Поттикнувачки одговор од Берлин се очекуваше уште од говорот на францускиот претседател во Сорбона во септември 2017 година, кога тој првпат ги скицираше своите визии за реформа на ЕУ и нејзините институции. Но, во меѓувреме се зацврсти сликата за реформски ориентиран француски претседател, кој наидува на блокада на реформски неволна германска канцеларка. Фактички, без оглед на малкуте нејасни изјави, одговорот од Ангела Меркел се уште изостанува.
„Во расчекор со бонтонот"
Слика која сега се повторува: медиумски ефикасно, францускиот претседател минатата недела во статија објавена во сите 28 ЕУ-држави ги изнесе своите предлози за поголема европска соработка. Сега, неочекувано брзо, стигна и одговор. Но, не од канцеларката, туку од нејзината наследничка на лидерската позиција кај Христијанските демократи. Значи, на еден претседател на држава му одговара партиска претседателка без владина функција – со речник на политичките противници – самобендисаност во несогласност со политичкиот бонтон.
Повеќе:
Макрон бега нанапред, Меркел се повлекува
Макрон во офанзива за реформирање на ЕУ
Иако, сега барем има некаков одговор. А Анагрет Крамп-Каренбауер сепак не е било кој. Таа ја раководи партијата на канцеларката, а нејзините амбиции за преземање на канцеларската функција не се тајна. Исто како ни блискоста во основа меѓу канцеларката и нејзината наследничка на чело на партијата. Значи, не зачудува што Меркел во понеделникот порача дека размислувањата на Крамп-Каренбауер во однос на Европа, се во согласност со нејзините.
А токму во тоа вушност е проблемот. Зашто, она што Крамп-Каренбауер го кажа за Европа, не е визија, туку максимално заложба за статус кво. Да, Европа мора да биде посилна, да, потребна е поголема соработка во заштита на надворешните граници и безбедносната политика. И да, мора да постои заедништво против непријателите на демократијата. Но, многу поинтересна е разликата меѓу Крамп-Каренбауер и Макрон: никаква продлабочена соработка во социјалната политика. Никаква заедничка економска и финансиска политика. Наспроти тоа, неколку боцки, како барањето Европскиот парламент да не заседава веќе во францускиот град Стразбур.
Целосно различни интереси
Видливи се разликите во текстовите на Макрон и на Крамп-Каренбауер. Францускиот претседател Макрон се обидува да се етаблира како реформски мотор меѓу европските државни челници, улога на која претендираат и Германците, но веќе извесно време не ја исполнуваат. Анегрет Крамп-Каренбауер своите пораки засега ги упатува првенствено кон публиката во својата партија. Таа е „пресен“ лидер на ЦДУ- само три месеци, со намера повторно да ги привлече во прв ред конзервативните гласачи. Заложбата за „повеќе Европа“ во тој контекст не ветува успешна стратегија. Значи, сеедно кои се актуелните предлози на францускиот претседател, со оваа лидерка на ЦДУ и евентуална наследничка на Меркел на канцеларската фотелја, засега не се остварливи.