1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пара на пара се лепи

Ванеса Фишер/превод:БГ19 јануари 2016

Во пресрет на собирот на светската елита во Давос, Оксфам објави провокативни факти: 62-та најбогати луѓе поседуваат повеќе од најсиромашната половина на човештвото. Дали се исплаќа протестот, прашува Ванеса Фишер

https://p.dw.com/p/1Hg19
Фотографија: picture-alliance/epa/N. Shrestha/S. Chirikov

Сѐ повеќе пари во се помалку раце. Тоа е многу проблематичен факт, и неговото наведување не е поврзано со некаква дебата од завист. Таа нерамнотежа е, како што се знае, плодно тло за бројни зла. Истовремено, целосно сме беспомошни. Зарем не е утешно тоа што многу богаташи прават добри дела? Секако, луѓето како Бил Гејтс кој, според листата на Форбс е најбогат човек на светот, со својата Фондација помага на многу места. Но, донаторот е единствениот кој одлучува кој ќе има корист од тоа.

Богатството е од машки род

Кои се најбогатите луѓе на светот? На пример, основачот на синџирот H&M, Штефан Персон со имот тежок 24,5 милијарди долари го зарема солидното 28. место. Во азиските фабрики за текстил кои работат за неговата модна линија, работат воглавно жени кои не можат да живеат од својата плата. Инаку, патем 455 од 500. најбогати луѓе во светот се мажи.

Fischer Vanessa Kommentarbild App
Ванеса Фишер

Оксфам добро го поткрепи својот текст, кој има дури осум страници фусноти. Се цитираат Светска банка, експерти на ОЕЦД, ММФ, но и извори од Нигерија и Бразил кои ја појаснуваат директната врска меѓу политиката и парите. Се цитираат нови студии од САД и Велика Британија во кои една третина од испитаниците кои во финансискиот сектор заработуваат повеќе од 500 илјади долари годишно, признаваат некоректно бизнис однесување, значи измама. Но каква е користа од тоа?

Богатството не е поврзано со постигнување

Концентрацијата на парите продолжува. Водечки се фирмите како Епл, Гугл, Монсанто, ИнБев. Нивното лобирање се сведува на тоа да се избегне плаќањето данок.Оксфам со години укажува на фактот дека најбогатите луѓе на светот дневно од камати собираат пет милиони долари. Екстремното богатство не е нужно поврзано со работното постигнување.
Тешко дека некој ќе ја тематизира оваа растечка нееднаквост на Светскиот економски форум во Давос. Можеби некој учесник, и покрај состаноците, ќе стигне да фрли поглед на интернет-страницата на магазинот Форбс. Таму мислата на Мартин Лутер Кинг е цитирана како изјава на денот: „Најистрајното и најитното прашање во животот е: „Што правиш за другите?“