1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Папата ја истакнува македонската мултикултурност

ЕМФ
4 мај 2019

На два дена пред доаѓањето во Скопје, папата Франциско во видео-порака им се обрати на македонските граѓани.

https://p.dw.com/p/3HvKU
Vatikanstaat Weihnachten 2018 | Urbi et orbi, Papst Franziskus
Фотографија: Reuters/M. Rossi

Папата Франциско во Северна Македонија ќе пристигне во вторник, откако претходно два дена ќе престојува во Бугарија. Тој во својата порака пред посетата нагласува дека „денес, повеќе од кога било, има потреба и во Европа, и во целиот свет, да се развива култура на излегување во пресрет, култура на братство“, и тој ќе дојде за „да го посеам ова семе“.

„Сигурен сум дека вашата земја е добра, дека ќе го прими ова семе и ќе добие плодови“, уверен е поглаварот на Римокатоличката црква.

Според него, посебната убавина на земјата „се должи на различните култури, етникуми и религии што живеат во неа“: „Секако дека соживотот не е секогаш лесен, го знаеме тоа, но вреди да се вложи тој напор, бидејќи најубавите мозаици се тие што имаат многу бои“, оценува светиот отец.

Во пораката се вели и дека посетата е посветена „на една голема светица, ќерка на вашата земја, Мајка Тереза, родена и израсната во Скопје, која преку благодетта Божја, стана храбра мисионерка на Христовата милост во светот, давајќи утеха и достоинство на најсиромашните меѓу сиромашните“.

Своето обраќање до македонските граѓани папата Франциско, кому ова ќе му биде трето патување на Балканот, го завршува со зборовите: „Бидете од Бога благословени!“

Папата во вторник прво ќе има обраќање пред политичари, дипломати и претставници на граѓанското општество, а потоа на целнрталниот плоштад во Скопје ќе отслужи Света литургија на која се очекува да присуствуваат околу 15.000 луѓе. По литургијата е предвидена Екуменска и меѓурелигиска средба со млади во Католичката црква во Скопје.