Папата пледира за решение „две држави“
25 мај 2014Двете страни треба да ги удвојат напорите за да стават крај на овој „неподнослив“ конфликт и да постигнат стабилен мир, изјави денеска во Витлеем, на средбата со палестинското раководство, папата Франциско. Тој се заложи за решението „две држави“. На доаѓање кон Витлеем, поглаварот на Римокатоличката црква спонтано излезе од својот „папамобил“ и на неколку моменти молчешкум му се приближи на израелскиот бетонски ѕид. Ваквиот гест беше надвор од предвидената програма на посетата. Папата Франциско е познат по такви изненадувачки гестови. Тој потоа во својот говор во Витлеем рече дека наместо да се градат ѕидови, треба да се создаваат мостови.
Папата одржа света миса пред Црквата на Христовото раѓање во Витлеем, на која присуствуваа илјадници Палестинци. Претседателот на Палестинците Махмуд Абас му се заблагодари на поглаварот на Римокатоличката црква за неговите напори за „праведност и права“ за Палестинците. Обраќајќи им се на „израелските соседи“ Абас побара: „Да склучиме мир!“
Папата, исто така надвор од предвидениот говор, на крајот на мисата во Витлеем ги покани Абас и израелскиот претседател Перес во Ватикан, на молитва за мир.
Попладнево Франциско е во посета на палестински бегалски камп, а потоа продолжува за Израел, односно Ерусалим. Таму папата ќе учествува на екуменска средба во Базиликата на Христовото воскресение. Притоа, треба да ја има и првата средба со православниот патријарх Вартоломеј. Средбата на двајцата поглавари важи како историска и е всушност поовод за патувањето на папата. Во Ерусалим Франциско треба да ги посети и Ѕидот на плачот и меморијалниот музеј Јад Вашем, а предвидена е и средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во форма на приватна аудиенција.
Против посетата на папата во Израел се одржуваат протести. Во текот на ноќта имаше и насилни безредија. Израелската полиција уапси 26 еврејски екстремисти на Давидовиот гроб. Таму, утревечер, папата треба да одржи миса. Според христијанскот верување, тука се наоѓа Собата на Тајната вечера.