1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата лично ги води велигденските церемонии во Ватикан

11 април 2004

Велигденските чествувања засенети од вонредните мерки за безбедност

https://p.dw.com/p/AcO8
Папата на петочната процесија во Ватикан
Папата на петочната процесија во ВатиканФотографија: AP

На просторот пред базиликата “Свети Петар” во Ватикан денеска Папата ја држи велигденската миса на која ќе го искаже и традиционалниот благослов “Урби ет орби”, што е кулминација на чествувањате на празникот. Папата на еден подиум беше донесен на мисата и остава впечаток на замор од претходните активности. Присуствуваат десетици, можеби и стотина илјади верници од целиот свет.

Се’ се одвива под најстроги мерки за безбедност од страв од можни атентати. За денеска мерките се и дополнително заострени. Воздушниот простор над италијанскиот главен град е затворен за цивилен сообраќај. Меѓу верниците се и 1000 полицајци во цивилна облека. Наоколу се распоредени снајперисти, а целата церемонија е надгледувана и со многубројни камери.

Папата Јован Павле Втори, во сослужение на 24 кардинали, синоќа лично ја водеше Мисата на воскреснувањето во базиликата Свети Петар. 83-годишниот поглавар на католичката црква ја запали свеќата и го благослови пламенот што треба да го симболизира воскреснувањето Исусово. Илјадници луѓе ја исполнија ватиканската базилика и со своите запалени свеќи ја претворија во море од светлина. За време на тричасовната церемонија Папата покрсти 6-мина возрасни од Италија, Того и Јапонија. И синоќа посетителите беа строго контролирани, а целиот ден хеликоптери го надлетуваа Ватикан. Папата во оваа пригода не се задржа на политички теми, но набљудувачи очекуваат тој денеска да зборува пред се’ за војната во Ирак и да упати апел за мир до сите страни во конфликтот. Папата уште пред избувнувањето на војната предупреди на далекусежните последици од вооружен поход во Ирак.