Папата бара од меѓународната заедница интервенција во Ирак
7 август 2014Папата Франциско е длабоко погоден од состојбата во северен Ирак, изјави денеска (7.08) портпаролот на Ватикан, Федерико Ломбарди. Тој рече дека до бегалците мора да стигне хуманитарната помош која е неопходна за преживување. Притоа, како што рече Ломбарди, папата особено мисли на христијанските заедници.
Во текот на изминатата ноќ, според различни извештаи, терористичката милиција Исламска држава ги освоила и последните христијански места во регионот на Мосул и сега во бегство се околу 100.000 христијани. Калдејскиот патријарх Сако ја повика повторно меѓународната заедница да помогне и соопшти дека борците на Исламска држава запоседнале цркви, одземале крстови и палеле верски книги. Луѓето бегаат делумно пеш во курдските региони Дохук и Ербил, откако мораа да ги остават возилата на контролните пунктови, изјави Сако изутринава во телефонски разговор за хуманитарната организација „Братство во Ирак“.
Потпретседателската на германскиот парламент Клаудија Рот во Берлин побара меѓународна помош за бегалците во северен Ирак. „Извештаите за систематско протерување на малцинствата, како христијаните, Туркменците или Језидите, од страна на терористичката група Исламска држава, предизвикуваат дури помисла на библиски егзодус“, изјави таа.
Поради напредувањето на исламистите во Ирак, Франција денеска побара итна седница на Советот за безбедност на ОН. Меѓународната заедница мора да дејствува за „да се спротивстави на терористичката закана во Ирак и да обезбеди помош и заштита на загрозеното население“, изјави францускиот министер за надворешни работи Лорен Фабиус во Парис.