1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пандемијата и грдото лице на политиката

19 април 2021

Коронавирусот не го напаѓа само здравјето на граѓаните, тој прави да се распаѓа пред наши очи привидот што досега го сугерираа политичарите за својата успешност и умешност. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/3sCuA
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Помина времето кога катастрофите  за политичарите беа шанса да глумат  херои, што  некогаш им  даруваше и  успех на изборите. Пандемијава нема да остави зад себе легенди за мудрите, одговорни политичари. Колку подолго трае пандемијата, толку повеќе политиката се демаскира себеси како неспособна за брзи, разумни и ефикасни решенија. Затоа политичарите се ретко јунаците  во пандемисково време. Вистинските јунаци  се оние во белите мантили. Лекарите, медицинските сестри, негувателите во клиниките, научниците посветени на борбата против болестите и епидемиите, истражувачите во потрага по нови лекови и вакцини. Тие си ја знаат работата за која не се избираат на избори, туку според строгите професионални критериуми на медицината и науката. Во овие тринаесет месеци пандемија стана јасно дека темелниот животен ред го одржуваат луѓето како нив. Политичарите деновиве често се однесуваат како муви без глави. Или како да живеат во паралелен  свет. Иако луѓето се наклонети  во кризата да очекуваат решение, пред се‘, од нив. Затоа што тие  треба  мудро да раководат со државата. Пандемијата покажа дека  политиката повеќе нема високи идеали, ниту филозофија на заедништво, затоа што нејзиниот двигател одамна стана желбата за власт и борбата на политичките и партиските интереси.

Тоа вчера стана јасно и во една од најгледаните емисии на германската телевизија, во која, освен водителката, учествуваше еден лекар, една новинарка и четворица политичари. Иако лекарот, директорот  на  најголемата интернистичка клиника на Универзитетската клиника во Келн, онкологот со светско реноме, професорот Михаел Халек, беше гласот на разумот и на науката, четворицата политички „мускетари” брзо го преземаа кормилото и направија од дискусијата борба на  „панаѓурски  пеливани”. Најгласниот од нив, германскиот министер за стопанство. Тие, по обичај, како автомати постојано ги набројуваа успесите на владата во справување со пандемијата.

-претходни колумни од авторката:Паметењето на поезијата

При вакви настани, гледачот се чувствува немоќен, но  јасно сознава што денес значи да се биде политичар. Да се научи напамет партиската програма или владината директива, за да се повторува како  расипана грамофонска плоча. Да се биде политичар значи и во пандемијата  да не се не заборави дека наесен има избори за Бундестагот! Ако имаат барем малку критичност, политичарите треба да сфатат дека нема полош мегдан  за мерење на силите од оваа пандемија.Борбата со невидливиот вирус одамна ја направи видлива нивната неспособност, во неволја и катастрофа да ја надминат тесната партиска логика. Тие не се способни да се обединат, над партиските граници, во  заедничката одговорност пред граѓаните: Како да се уверени дека тие и политиката се вечни.

Затоа  професорот Халек попусто апелираше да не се заборави драматичната состојба во клиниките, собено во одделите за интензивната нега. Тој  е член   на иницијативата  „No-Covid", во која се збрани  врвни германски научници. Тие уште  на почетокот на годинава  предупредија да не се повтори грешката од минатата година, кога при вториот бран предолго се чекаше на ефективни и строги мерки. „No-Covid"  понуди план како бројот на инфицираните во текот на неделата, во сразмер со 100.000, би можел да се намали дури на  10, а и под таа цифра. Кога тоа ќе се постигне, тогаш би можеле да се востановат „зелени зони” во тие делови на земјата. Се покачи ли бројката, би морало веднаш да следат брзи и ригорозни  мерки. Затоа професорот Халек  уште на крајот на јануари истакна дека во Германија во моментов „се наоѓаме во најлошата од двете можни варијанти: имаме стопанство кое јури кон катастрофа, а бројот на заболените и починатите расте”, истакна тој. Во име на „NO-Covid“ тој уште во јануари предлагаше  општиот локдаун да не се укинува веднаш, откако  на 14 февруари би се постигнала инциденција од 50, туку  тој да трае уште неколку недели, дури бројката не се намали  под 10. Оваа стратегија била успешна дури и во милионските градови како Сиднеј и Мелбурн. Како пример за долгорочна успешна стратегија  во целата земја тој  ги наведува Кина, Јужна Кореа  и Австралија.

-претходни колумни од авторката„Светот ќе го спаси убавината“

Членовите на „NO-Covid“ укажуваат дека  во иднина треба да се избегне политиката  да  реагира  дури откако бранот ќе земе замав, со  што темпото на мерките е побавно од тоа на вирусот. Треба да се биде побрз од  вирусот, со тоа што ќе се преземат строги мерки пред да ескалира ситуацијата, предлагаат членовите на иницијативата Доколку се реагира порано, тогаш бројката на инфицираните може подолго време да се одржува на ниско ниво. Професорот Дирк Брокман од универзитетот Хумболт, во Берлин, смета дека за да се постигне тоа треба да не се чека да реагира политиката, туку треба да се создадат други механизми кои овозможуваат, кога ќе се појават нови жаришта, да се реагира брзо – „автоматски, регионално и фокусирано“.

На таков успешен механизм во справувањето со пандемијата чекааат со месеци обичните граѓани, исплашени и веќе одамна уморни од предолгата пандемија, во која небаре се‘ оди  бавно, дури и во  држава како Германија, чија администрација во нормални услови функционира релативно успешно. Пандемијата покажа дека треба да се реагира брзо,  за што често е пречка токму бавното темпо на германската државна администрација, кое зависи од одлуките на политиката. Таа пак губи драгоцено време во  борби на парцијални интереси, на покраинско  и на сојузно ниво. Небаре од третиот бран да е поважно кој ќе биде кандидатот за канцелар и канцеларка во септември на ЦДУ или на ЦСУ.

-претходни колумни од авторката„Идентитетот е работа и одговорност“ – Горан Стефановски

Притоа политичарите забораваат дека за тоа наесен нема да бидат одлучувачки   партиски игри, туку успесите во справувањето со пандемијата. Затоа во мигов расте рејтинот на „Зелените“. Во пандемијава  многу германски граѓани се‘ појасно сознаваат каква политика сакаат во иднина. Таа, пред се‘, мора да биде фокусирана врз контролата на безмилосното трошење на природните ресурси. Граѓаните си посакуваат политика, која во соработка со науката, ќе развива стопански систем, кој нема повеќе да ја уништува животната околина. Пандемијата навистина може да стане катализатор за превреднување на сите вредности кои човештвото досега ги сметаше за најважни. Оваа криза нема да ја преживеат и многу политички и партиски идеологии, кои одамна му противречат на стремежот за еколошка хармонија со природата. Не може повеќе глобализмот да се гледа само како шанса за брза заработка, на  грбот на животната околина. Конечно, сметката на тој налудничав процес, кој трае веќе многу долго, ја плаќаме сите од почетокот на пандемијава.  Милиони се разболеа и починаа. Политиката мора да се промени од темел, ако сака и самата да ја преживее пандемијата.

Коронавирусот не го напаѓа само здравјето на  граѓаните, тој прави да се распаѓа пред наши очи привидот што досега го сугерираа политичарите за својата успешност и умешност. Кога годинава започна вакцинацијата против Ковид-19, никој не насетуваше дека токму ЕУ ќе  падне на испитот по ефикасна координација. Заедницата која беше формирана во духот на европската солидарност, падна во меѓувреме и на многу други испити. Особено на оној за  демократијата и визијата за мирот. Како историјата навистина да се повторува, деновиве и во ЕУ се појавуваат дубиозни  соништа за прекројување на границите на Балканот. Впрочем, така е во сите чуми и пандемии, не‘ учи историјата! Тогаш од дупките се појавуваат стаорците, за кои одамна сме верувале дека се  мртви. Политиката во мигов го покажува своето грдо лице., на сите нивоа. Како политичарите да живеат во кула од слонова коска. Како да се одамна отуѓени од реалноста на обичните луѓе.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.