1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Палестинците на чекор до помирување

28 април 2011

Палестинците со години практично имаат две влади, Фатах на Западниот Брег и Хамас во Појасот Газа. По повеќе неуспешни обиди, овојпат се чини дека спротивставените страни ќе се договорат и ќе бидат распишани избори.

https://p.dw.com/p/115F9
Египет посредува помеѓу палестинските фракции Хамас и ФатахФотографија: AP

Се чини дека египетската влада успеа. Египќаните, пред се` тајната служба, посредуваат помеѓу исламистичката Хамас и умерената Фатах на претседателот на Палестинците, Махмуд Абас. Досегашните обиди на посредниците постојано пропаѓаа поради тврдоглавиот став на Хамас. Сега исламистите попуштија. Махмуд аз-Захар, радикален претставник на политичкото крило на Хамас, во Газа ненадејно изјави: „Египет не` покани нас и Фатах да разговараме за отворените прашања, а тоа не беше случајно. Сега го прифативме предлогот на Египет и се договоривме за спорните прашања.“

На Западот повеќе му одговара Фатах

Palästinenser Präsident Mahmud Abbas Rede in Ramallah
Претседателот на Палестинците Махмуд АбасФотографија: dapd

Двете најголеми палестински партии сакаат да формираат преодна влада, соатавена од т.н. „технократи“. Во преодниот владин кабинет поважна ќе биде компетентноста од партиската припадност. Спротивставените страни исто така сакаат да одредат датум за нови избори во текот на годината.

Покрај тоа, Хамас и Фатах планираат и размена на заробеници, како и обединување на нивните безбедносни сили. Плановите се големи - тие практично планираат соединување во една единствена палестинска автономна власт.

Во Појасот Газа веќе четири години на власт е Хамас. Оваа организација беше избрана по демократски пат во 2006 година, сепак Израел, САД и Европа никогаш не го признаа резултатот од изборите, туку ја бојкотираа Хамас од самиот почеток. На Западот како партнер повеќе му одговара Фатах.

Хамас во јуни 2007 година изврши пуч и му ја одзеде власта на водечкиот претставник од Хамас. Се` уште не се знае дали е протеран или убиен. Оттогаш владее жестоко непријателство. Претседателот на Палестинците Абас во изминатите четири години не можеше да го посети Појасот Газа. Одамна очекуваните нови избори постојано се одложуваа, оти ривалите не можеа да се договорат за терминот и изборниот процес.

Израел е против помирувањето на палестинските фракции

Israel Premierminister Benjamin Netanjahu
Израелскиот премиер Бенјамин НетанјахуФотографија: AP

Но, сега сите страни сакаат единство. Во текот на наредната недела во Каиро треба свечено да се потпише спогодбата. По тој повод во Каиро ќе дојде претседателот на Палестинците Махмуд Абас, како и водачот Калед Машал од Хамас, кој е во егзил во Дамаск.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веднаш реагираше и побара претседателот на Палестинците Абас да се откаже од помирувањето со Хамас: „Палестинската автономна власт мора да избере меѓу мирот со Израел и со Хамас, оти двете опции истовремено се невозможни. Хамас сака да го уништи Израел, тоа и отворено го признава. Тие пукаат со ракети врз нашите градови и нашите деца. Сметам дека идејата за помирување ја покажува слабоста на палестинската автономна власт.“

Желбата за помирување на палестинските групации е последица на политичките пресврти во арапските соседни држави. Минатиот месец демонстрантите во Газа и на Западниот Брег бараа помирување на Фатах и Хамас, како и нови избори.

Автор: Себастијан Енгелбрехт/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска