1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Палестинците вршат притисок врз Израел

ЕМФ/дв21 април 2014

Палестинците се закануваат со распуштање на автономните власти доколку мировниот процес за Блискиот Исток и натаму е заглавен. Тоа за Израел би можело да биде многу скапо.

https://p.dw.com/p/1BlbL
Фотографија: Ahmad Gharabli/AFP/Getty Images

Палестинските лидери на преговорите за мир го известиле американскиот посредник Мартин Индик дека би можеле да ја распуштат самоуправата со која раководи претседателот Махмуд Абас и да ја пренесат одговорноста за Западниот брег повторно во рацете на Израел, изјави висок претставник на Палестинците за агенцијата Франс прес. Ова е првпат од повторниот почеток на разговорите за мир, минатиот јули, Палестинците да се закануваат со ваков чекор.

„Прво, има опција клучот на самоуправните власти да им биде предаден на ОН, за тие да ја преземат одговорноста за палестинскиот народ и окупираната држава Палестина, или пак Израел повторно ќе ја преземе целосната одговорност за окупираните територии“, изјави претставникот кој сака да остане анонимен.

Автономните власти „родени“ со договорот од Осло во 1993 година, уште од почетокот се борат со финансиски проблеми и упатени се на странска помош.

Огромни трошоци

Влијателниот израелски коментатор Нахум Барнеа предупреди дека доколку заканата се оствари, тоа за Израел ќе значи огромни проблеми и трошоци. Зашто во тој случај ќе биде распуштена и полицијата, така што тоа ќе мора да го покрива Израел. Освен тоа, Израел ќе треба да се грижи за образованието, здравството и снабдувањето со вода.

Мировниот процес влезе во криза на крајот на март, кога израелската влада отстапи од своето ветување дека ќе ослободи уште палестински затвореници, а освен тоа распиша и тендер за изградба на нови доселенички населби во анектираниот источен Ерусалим. Палестинското раководство потоа поднесе барање за приклучување кон 15 меѓународни конвенции, за на тој начин да продолжи со процесот на меѓународно признавање и покрај отпорот на Израел.