Пакистан пред растечки терор
23 септември 2008Тешкиот самоубиствен атентат во хотелот Мариот во Исламабад е само врв на еден леден брег. Колку безбедносната ситуација во Пакистан стана сериозна, се покажува уште појасно во племенските области долж авганистанската граница, кои во голем дел веќе долго се контролирани од Талибанците.
По ваквите масивни напади, веќе стана ритуал да се покажува сила и решителност во војната против тероризмот. Но, што значи тоа?
Акција и реакција
Воено е исто толку тешко да се победат Талибанците и Ал Каеда во североисточен Пакистан, како што тоа не им успеа ни на коалиционите трупи изминатите седум години во Авганистан. Воените операции не постигнуваат безбедност против тероризмот, напротив, по сите правила, како реакција на офанзивите на армијата, зачестуваат бомбашките напади.
Ова го потврдува и најновиот случај. САД го зголемија притисокот во регионот минатите недели. Претседателот Џорџ Буш очигледно ги овластил трупите без прашање да влегуваат од Авганистан на пакистанска територија. Но, тоа предизвика само штети. Заради недостаток од доверливи информации од тајните служби, САД и пакистанската армија често погодуваат невини цивили. Според сериозните проценки, поради борбите, во бегство се илјадници луѓе. Ако тоа не е плодна почва за нов тероризам, што тогаш?
Неопходна е политичка алтернатива
Политичките прилики во Пакистан се целосно неповолни за чисто воени операции. Антиамериканизмот е длабоко вкоренет во земјата и дури расте. Многу, можеби мнозинството Пакистанци, веруваат дека САД во името на војната против тероризмот всушност водат војна против муслиманскиот свет. Многу пакистански војници во Талибанците не гледаат свои непријатели, туку пред се‘ сонародници. Тоа што многумина Пакистанци исчезнуваат без трага, без претходна судска постапка, како и тоа што армијата и тајните служби во двојна игра секогаш ги штитат екстремистите, кај луѓето предизвикува цинизам во врска со борбата против теророт.
Политичка алтернативна стратегија би била помалку тешка. Не се работи за попуштање кон Талибанците, туку најпрво за политичко изолирање на радикалите. Во Пакистан тие немаат големо политичко значење, тоа го покажаа досега сите избори. Тие се множат само таму каде колабира правната држава. Но, за да се создаде широк сојуз на демократските и умерените сили против екстремистите, мора да биде јасно дека борбата против теророт не следи странски режисерски упатства, туку дека се води со правни средства. Трагедијата е што за тоа имаше шанса оваа година, кога по парламентарните избори се формира голема коалиција. Но, пакистанскиот претседател Зардари ја пропушти шансата, кога се двоумеше да го воспостави независното судство и така го протера Наваз Шариф од коалицијата.
Зардари - продолжена рака на Вашингтон?
Зардари штотуку дојде на власт,а многумина Пакистанци веќе го гледаат како продолжена рака на Вашингтон, слично како и неговиот претходник Мушараф, или како неговиот авганистански колега Хамид Карзаи, кој дојде како почесен гостин на заклетвата на новиот пакистански претседател. Во поглед на борбата против теророт и екстремистите, ова е доволно за најлоши стравувања.