1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Очајна хуманитарна состојба во Газа

Џ. Фрацек/Б. Георгиевски21 јули 2014

Стотици мртви и повредени, недостаток на струја и вода: состојбата во Газа е катастрофална. Она што дополнително ја влошува е фактот што сега и меѓународните хуманитарци се на линијата на огнот.

https://p.dw.com/p/1Cfv1
Фотографија: AFP/Getty Images

Палестинците велат дека повеќе од 400 луѓе се убиени во Појасот Газа од почетокот на израелската воена офанзива. Најсмртоносниот напад досега се случи викендот кога во предградието Шиџаија десетици луѓе беа убиени, а стотина повредени. Дури ни двочасовниот прекин на огнот кој требаше да овозможи евакуација на мртвите и повредените, не издржа. Без прекин на огнот, хуманитарците и медицинските лица немаат можност да продолжат со работа. Од почетокот на борбите многу организации ги повлекоа своите членови од теренот затоа што и тие сѐ почесто се на линијата на огнот.

Palästina Gaza Stadt unter massiven Beschuss durch Israel 20.07.2014
Фотографија: J.Guez/AFP/Getty Images

Нема вода, нема струја

Тео Алексопулос, координатирот за итна помош во организацијата „Care“, вели дека состојбата во Газа е ужасна и дека е итно потребна помош. Веќе нема вода за пиење, нема електрична енергија, а комуникациските мрежи ретко функционираат. Ранетите- претежно жени и деца не добиваат доволно нега, а зградите масовно се уништуваат. „На улиците владее паника. Медицинската инфраструктура е целосно пренатрупана и се наоѓа пред колапс“, вели Алексопулос. Амбулантните возила често не можат да го пронајдат патот поради блокираните патишта или затоа што возачите не сакаат да возат низ пеколот на гранатите. Многу ранети самите мораат да го пронајдат патот до болниците. Еден доктор во болницата Шифа во центарот на Газа за агенцијата АФП вели: „ова е најлошото кое сум го видел“.

„Care“ во моментов има 12 свои хуманитарци во Газа. Повеќемина други се на повик и чекаат да видат дали ќе има прекин на огнот. Доколку сега влезат во Газа, нивните животи ќе бидат во опасност. За разлика од нив, жителите на Газа немаат избор. „Тие се затвореници тука“, вели Алексопулос. Многумина од нив повеќе немаат ниту кров над глава. Според ОН, 1.370 домови досега се уништени, 20 илјади луѓе се бегалци и бараат преноќиште кај роднини или пријатели. Еден од хуманитарците на „Care“ во моментов живее во куќа со уште 60 други луѓе.

Palästina Gaza Stadt unter massiven Beschuss durch Israel 20.07.2014
Фотографија: Reuters

Надја Дидси, портпаролка на Меѓународниот комитет на Црвениот крст е ужасната од степенот со кој цивилите и виталната инфраструктура се целно напаѓани. „Нашите луѓе во Газа велат дека многу области се под интензивен оган. Копнената офанзива ги загрозува животите на десетици илјади цивили“, вели таа. Црвениот крст работи непрекинато во прв ред обидувајќи се да им помогне на ранетите. „Но тоа е речиси невозможно поради безбедносните ограничувања и постојаните борби“.

Во неделата беше договорен двочасовен прекин на огнот за кој посредуваше Црвениот крст. Но само по еден час од неговиот почеток, израелската армија го прекрши правдајќи го таквиот чекор со пукање од другата страна. Алексопулос не е сигурен што можеше да се постигне во само два часа. „Тоа беше многу мал прозорец. Не можете да сторите многу за два часа“, вели тој.