1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Охридскиот договор и покрај се‘ е успех“

15 август 2011

Тоа е насловот на текстот во весникот „Ноје цирхер цајтунг“, во кој пишува за „функционирачки систем на поделба на власта меѓу партиските елити во Македонија“.

https://p.dw.com/p/12Gly
Фотографија: picture-alliance/dpa

Весникот „Ноје цирхер цајтунг“ констатира дека во 2001 година лесно можеше да биде многу полошо, откако во планините во северозападниот дел од земјата етничката албанска герила ја нападна полицијата, а во одговор македонските безбедносни сили започнаа да пукаат врз албанските села. Сето тоа навестуваше на уште една војна во поранешна Југославија. Но, поинаку отколку во БиХ и Косово, овојпат постоеше нешто како „меѓународна заедница“, која реагираше брзо и ефикасно.

Тоа што конфликтот не ескалираше треба да им се заблагодари меѓутоа и на македонските граѓани. Тие од вознемирувачка близина ги доживеаја драмите во непосредното соседство и немаа желба да ја стават на коцка својата егзистенција заради некој националистички проект. Подбуцнувачите овде имаа потешка работа, пишува весникот.

Во текстот се заклучува меѓутоа дека практичните проблеми се присутни до денес, пред се‘ кај децентрализацијата. Финансирањето на општините е на стаклени нозе, а на многу места локалните власти не можат да се справат со новите задачи. Сепак, и покрај многуте тешкотии, Охридскиот договор денес во голем дел е спроведен. Оној кој се надеваше дека со време од него ќе се развие нов општествен договор, во секој случај е разочаран.

Етничката сегрегација продолжува особено во училиштата. Владата на премиерот Никола Груевски се обидува да го зајакне етничко-националниот идентитет на Македонците, поврзувајќи го со античка Македонија. За таа цел се вложуваат милиони во изградба на статуи на Александар Македонски и градење управни згради во антички стил.

Спротивно, многумина Албанци кон државата имаат чисто инструментализиран однос, сметајќи ја како агенција за вработување...

Сепак, за разлика од Дејтонскиот договор во БиХ и планот на Ахтисари за Косово, Охридскиот договор се погрижи за функционирачки систем на поделба на власта меѓу партиските елити на различните национални групи. А тоа и не е малку, ако се има предвид дека станува збор за Балканот, пишува „Ноје цирхер цајтунг“.

Автор: „Ноје цирхер цајтунг“

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев