1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охридски болки неодболувани

Милчо Јованоски27 август 2016

Турбо фолк, класика и модерни ритми летово во Охрид. Високи децибели, непроспани ноќи и кошмари за гостите и домаќините. Субвенционирани летови и аранжмани. Стари навики и пропусти. Дали сите ги тријат дланките?

https://p.dw.com/p/1Jq92
Фотографија: picture alliance/landov/Z. Yi

Едно е сигурно: во Охрид има место за сите. И во шпицот на сезоната кога се велеше дека градот е преполн - имаше празни соби. Дилемта гласи: што бараат гостите, а што нудат домаќините? Стратегијата за развој на туризмот до 2020 година во Охрид сѐ уште се крчка, власта и туристичките работници никако да одлучат - сакаат монденски или масовен туризам кој носи многу гости, ама не и високи приходи?

За висок туризам, Охрид реално и не е целосно подготвен. Уште ги нема долго најавуваните хотели со светски бренд, но хотелиерите ја збогатуваат и понудата и услугата. Ѓоко Апостолов, раководител на секторот за туризам ТЛЕР при Општина Охрид, во разговор за ДВ вели: „Туристичкото сместување во Охрид во приватниот сектор според нашата категоризација на објектите последниве 5 години направи огромен квалитативен скок. Од лани запрен е трендот на опаѓање во Охрид да одмораат домашните туристи, а заклучно со јуни годинава тој дури е во пораст. Во Охрид годинава се одмораат гости од Холандија, Белгија, Израел и Турција, но и од Јужна Кореја и Кина, туристи кои се дел од мапата на кружните Балкански тури. Се очекува статистиката да забележи рапидно зголемување кај домашните туристи во јули и август, додека кај странските растечкиот тренд ќе трае до крајот на годината, имајќи ги предвид потпишаните аранжмани, конгресниот и спортски туризам.

Сѐ повеќе гости од субвенционираните летови

Дека нешто се движи потврдуваат и бројките од охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“. Во првите шест месеци годинава превезени се 49.644 патници. Во споредба со истиот период лани, кога биле превезени 27.172 патници, забележано е зголемување од над 82 процента. Апостолов за субвенционираните летови вели: „Позитивен ефект е воведувањето на нови авио-линии од и кон Охрид. Дел од нив се субвенционирани од државата и дел од локалната самоуправа. На пример, авио-врската со Лондон со Виз ер, договор потпишан на 4 години, е субвенциониран од општина Охрид. Ако ги согледаме бројките, според договореното лани требаше да има најмалку 3500, а беа превезени 4000 патници. Статистиката годинава покажува зголемување на патниците и на оваа релација. Од годинава Охрид со директни линии е поврзан со Тел Авив, обновена е некогашната линија со Белград, а преку најпознатата светска туристичка агенција 'Томас Кук' воспоставен е чартер лет Охрид - Брисел - Охрид. Скептицизмот дека лините нема да бидат рентабилни е урнат. Според компанијата ТАВ, која го има под свое аеродромот во Охрид, секој од овие летови има по над 150 патници просечно по лет“, заклучува Апостолов.

Mazedonien Stadt Ohrid am Ohridsee
Фотографија: DW/M. Jovanovski

УНЕСКО предупредува, Охрид се гради

Брзото и тешко контролирано менување на ликот на Охрид и крајбрежјето доведе до тоа среде лето да одекне и веста дека на седница на Комитетот на УНЕСКО во Истанбул за првпат во официјален документ е нотирано оти охридскиот регион се соочува со опасност да биде впишан во листата на загрозени подрачја, што е само чекор до губење на статусот на заштитено подрачје, објави еколошкото движење „Фронт 21/42“. Тие ја започнаа кампањата „Едно е! Вредно е!“ за зачувување на Охридскиот регион, единственото УНЕСКО-подрачје во Македонија. Градот сепак не се откажува од доуредување на патеката кон комплексот „Горица“ и покрај тоа што екологистите велат дека таа ќе му стави крај на Студенчишкото Блато. Се уредува и каналот до легендарните Билјанини Извори. Но, властите се немоќни пред хулиганите кои преку ноќ го руинираат изграденото, а строгите пешачки зони, пак, се окупирани од автомобилите. Па туристите и охриѓани прашуваат: каде е полицијата и кои се привилегираните?

Лето е, гужва е, игла нема каде да фрлиш!

Вака ќе ви речат старите охриѓани. Токму тие и некои нови генерации никако да сфатат дека во туризмот треба и да се вложи и дека освен квантитет потребен е и квалитет. Тања Кувенџиска од порталот „Охрид њуз“ вели: „Се прашувам - до кога со истите 'глупости' кои го уриваат реномето на градот. Ако одите со автомобил до некоја плажа, она што ќе ве 'извади од такт' е што нема или едвај ќе најдете слободно место да се паркирате. Ако одите со јавен превоз, тоа е вистинско патешествие. Ќе видите - чекаат две до три комбиња. Внатре испоседнале патници, но возачот додека не го пополни и последното седиште не тргнува, понекогаш на таа спарнина мора да чекате и по 20 минути. Стигнувате на плажа и одите кон лежалките. Попладне е 17:30 часот, доаѓа момче кое работи на шанкот и ве прашува што ќе се напиете. Си викате ОК, ќе нарачам нешто кога веќе фатив лежалка. И доаѓа момчето и ви наплаќа 200 денари. Прашувате зошто, а тој ви одговара: 'Сто денари за лежалката, сто за пијалокот'. Барате фискална сметка, ви вика: 'Уште не сме почнале да работиме со фискални'...“

Mazedonien Stadt Ohrid am Ohridsee
Превозот во Охрид ветува патешествиеФотографија: DW/M. Jovanovski

Џезот бучен, турбо фолкот по мерка, сите ненаспани

Првото издание на фестивалот „Ohrid Calling" (Охрид повикува) во градот привлече десетици илјади фанови од регионот. Меѓу изведувачите легендарниот гитарист Алди Меола, култниот британски бенд Продиџи и диџејот Ники Ромеро. Секоја ноќ до рани зори Охрид во лето доживува музички урнебес. Људмил Видически-Буде од кафулето „Аквариус“ во колумна за порталот „Публицитет.мк“ на чист охридски напиша: „ На пет минути до полноќ лесен џез и добар фанк е гласна музика (неслушлива надвор од објект) и те опоменвет да намалиш, з'ш било прегласно и лошо за околните жители и објекти. Во 1:30 ечит турбо фолк и некој се учит да пејт. Е, то е там'н - нит е гласно нит е лошо за околината, тук изгледа пубо се спијат. За звуците од преку езеро и од езеро ич не ни сакам да спомвам. Даљ некош и ние ко еснаф, а и надлежните, ќе собериме сили и сфатиме шо ќе го раздвижит појке ноќниот живот, иљ уш 100 години ќе се меткаме со стратегии и празни муабети?!“

Mazedonien Stadt Ohrid am Ohridsee
Фотографија: DW/M. Jovanovski

Охрид најскап за охриѓани

И за крај, а можеше и на почетокот - за вечната болка на охриѓани дека живеат во најскапиот град во Македонија, што не е далеку од вистината. Туристичкиот водич Сашо Апостолоски вели: „Дубровник, на пример, како главен туристички центар во Хрватска е најскап град во Далмација. Меѓутоа, она што ме фасцинира во самиот град е тоа што за жителите на Дубровник цените се со попуст од 30%. Можно ли е ова и во нашиот Охрид? Ние цела година како да сме на одмор.“