Охрид - рај за очите и спокој за душата
Расцутени дрвја, опоен мирис, сончеви зраци - сѐ заедно се капе во проѕирните езерски води. Охрид е убав секогаш, а во пролет посебно.
Варош - стар град
Поглед од пристаништето кон Варош, стариот дел на градот. Препознатлива архитектура која својот процут го доживеала во 19. век, кога и Охрид се чини е економски најмоќен. Тогашните видни трговци соработувале со Лајпциг и Виена. Многу охриѓани во тоа време учеле во Париз, на Сорбона, или пак во Атина. Во овој дел од Охрид, меѓу другите, живеел големиот поет и преродбеник Григор Прличев.
„Охрид убав мил, ти за мене рај си бил...“
Куќите во стариот дел на Охрид, начичкани една до друга за да го „ѕирнат“ езерото, речиси и да немаат дворови. Еве како малиот слободен простор станува оаза на цвеќето. Ова е улицата која води кон Плаошник.
Плаошник
Познат религиозен локалитет од почетоците на христијанството. Пронајдени се неколку ранохристијански базилики и остатоци од црквата Свети Пантелејмон, изградена од Св. Климент Охридски, кој таму и живеел. На 11.08.2002 е осветен новоизградениот храм Св. Климент и Пантелејмон кој претставува реплика на Светиклиментовата црква. По 530 год., овде повторно се пренесени моштите на Св. Климент Охридски.
Антички театар
Современиот Охрид е наследник на античкиот Лихнид. Градот првпат се споменува 2.400 години пред новата ера. Класичниот театар бил изграден пред околу 2.000 години, или во доцниот македонски период, кратко по Римското освојување. На делумно откриениот и обновен антички театар од почетокот на 21. век секое лето на 12 јули се случува отворањето на фестивалот Охридско лето.
Плоштад
Централниот охридски плоштад е неодминливо место за жителите на Охид и за туристите. Некогаш овој просотр беше преполн со трендафили, а сега местото го зазеле новите видови цвеќиња и зелениот килим од трева. Во позадина е езерото и споменикот „Фаќач на крстот“ - симбол на празникот Богојавление-Водици, поставен во јули 2014 година.
Парк
Пролетта може да се „вдише“ во охридскиот парк. Тука е Рибниот ресторан, типичен репрезент на охридската староградска архитектура. Изграден во средината на седумдесеттите години од минатиот век. Сега е приватизиран, но ја има истата намена. Ќе ве пречека со богата понуда од македонски специјалитети, ама и чорба од охридска риба и староградска песна.
Колепка на словенската писменост
Споменикот на Св. Наум Охридски е дел од тријадата споменици во центарот на Охрид. Скулпторот Томе Серафимовски ги изработи и постави спомениците на Св. Кирил и Методиј, споменикот на Св. Климент Охридски и споменикот на Св. Наум. Така туристичките водичи на само стотина чекори од еден до друг споменик можат да ја раскажат историјата за создавањето на словенската писменост и нејзиниот развој.
Лебеди
Лебедите се бел украс на Охридското Езеро. Грациозни и дружељубиви кон оние кои сакаат да им подадат храна. Во Охрид се населиле кон средината на седумдесеттите години од минатиот век. Живеат во двојки и познато е: ако едниот угине, другиот не преживува – тагува, ја пее „Лебедовата песна“ и умира.Често кога луѓето сакаат да ја споредат верноста во љубовта ги земаат лебедите за пример.
Патека кон убавината
Новата пешачка патека во Охрид минува низ живописна природа со клупи и видиковци. Погледот на езерото е прекрасен. Ова е делот од Охрид, како што охриѓани велат: зад Калето од Канео преку Лабино до Грашница или обратно.
Св. Јован Богослов - Канео
Ова е се чини најпрепознатливиот и најсликан мотив од Охрид. За црквата не постојат сигурни историски податоци. Нејзиниот „живот“ може да се следи во општи историски рамки на развиток, почнувајќи од 13. век до денеска. Автор: Милчо Јованоски