1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отцепување на Република Српска: Блеф на Додик или сериозна закана?

Азер Слањанкиќ/ Александра Трајковска28 март 2014

Милорад Додик отцепувањето на Крим го зема како повод да навести дека по ист пат ќе тргне и Република Српска. Многумина сметаат дека блефира, но некои предупредуваат дека поради тоа ЕУ мора да го промени односот кон БиХ.

https://p.dw.com/p/1BXpo
Фотографија: Getty Images/AFP

Во Република Српска веќе е одржан референдум за независност. Тоа беше уште на 16. и 17. мај 1993. година. Тогаш на референдумот беше одбиен меѓународниот мировен план кој предвидуваше поделба на БиХ на десет региони, а беше поддржана независноста на Република Српска.

Случувањата во Украина, референдумот и отцепувањето на Крим повторно за претседателот на овој ентитет беше повод да ја актуализира идејата за отцепување на Република Српска. За Милорад Додик не е прашање: „Дали ќе има референдум?“, туку: „Кога?“

„Додик секогаш сериозно го мисли она што го говори. Тој досега само немаше политичка моќ тоа да го спроведе“, предупредува Кристијан Шварц-Шилинг, поранешен Висок претставник во БиХ.

„Додик уште сега се однесува како претседател на независна држава, а Западот прави грешка што го толерира тоа“, смета Шварц-Шилинг и истовремено предупредува: „Не смееме поради случувањата во Украина да ги затвораме очите пред опасниот развој на ситуацијата во БиХ. Низ контактите на Путин со лидерите во РС и Србија гледаме дека постои тесна координација на потезите. Крајно време е ЕУ да активира и да поттикне политика заснована на конкретни податоци и барања, и да му се дозволи на Високиот претставник да делува. Тоа мора да се одвива во блиска соработка за САД“.

CDU-Politiker Christian Schwarz-Schilling
Шварц-Шилинг: ЕУ мора да го напушти статусот на набљудувачФотографија: picture-alliance/dpa

„Меѓународното право не е апотекарска вага“

„Дејтонскиот договор, кој е правна основа за постоење на ентитет РС, воопшто не предвидува можност за референдум, особено оној за независност“, вели стручњакот за меѓународно право и професор на Кингс колеџот во Лондон, Зоран Пајиќ. „Прашањето за референдум во повоена БиХ всушност секогаш е како закана за да се добие нешто на политички план“, смета тој.

„Референдумот во сложени држави како Велика Британија, Шпанија, Белгија па и БиХ не е нешто што се однесува само на оние кои сакаат да се отцепат, туку се однесува на сите во таа земја. Во теоријата на меѓународното право постојат низa расправи за тоа дека во такви референдуми би требало да учествуваат граѓаните на целата земја“, вели Пајиќ.

Тој укажува дека меѓународното право „не е апотекарска вага“ на која точно би можело да се измери дали е некој референдум легален или не. Пајиќ додава дека меѓународнoто право мора да се посматра во склоп на актуелните политички односи во светот. Дури Меѓународниот суд во Хаг своите одлуки обично ги поткрепувал со политички аргументи.

Додик нема план

Тобијас Флесенкемпер, експерт за прашања на проширување на ЕУ при Европскиот институт ЦИФЕ во Ница предупредува дека изминатите седмици и кризата во Украина ја променија политичката слика на овој континент. Долго не е забележан случај една држава да анектира територија на друга. Сепак тој верува дека нема да има референдум за отцепување на Република Српска.

„Референдум односно псевдореферендум за независност на Република Српска веќе беше оддржан за време на војната. Додик нема никакво план. Ако најави референдум, веднаш ќе дојде до јуриш на граѓаните на банките кои ќе ги подигнат своите заштеди. Додик имено би требало да ја укине конвертибилната марка. Каков е неговиот план за пристап на пазарите на ЕУ? Како би се одвивал извозот на стопанството кое секако е на колена: Хрватска како членка на ЕУ одма би ја затворила границата. Што би се случило со безвизниот режим за граѓаните на РС? Постојат низа технички прашања во врска со референдумот на кои Додик нема одговор“, смета Флесенкемпер.

Tobias Flessenkemper
Флесенкемпер: Време е ЕУ да ги преиспита ставовитеФотографија: privat

Тој е уверен дека Додик со постојаното споменување на референдумот го свртува вниманието од резултатите на својата политика. Изостанаа ветените инвестиции, градењето на хидроелектрани на Дрина, отворање на работни места... Тој се спасува со реторика која е насочена против БиХ.

„Независна Република Српска не е способна самата да преживее.Тоа би било држава однапред осудена на пропаст и изолација, опкружена од држави кои одат во правец на ЕУ. Обединување со Србија е тешко изводливо, оти тоа само би ја вратило Србија наназад од нејзиниот пат кон ЕУ', истакнува експертот за прашања за проширување на ЕУ од Европскиот институт во Ница.

Конструктивен став на Белград

Што се однесува до Србија Фласенкемпер и Шварц-Шилинг истакнуваат дека по референдумот на Крим земјата коректно се однесува. Белград не долеа масло на огнот, вели Фласенкемпер: „Белград се наоѓа во тешка позиција бидејќи Путин при отцепувањето на Крим директно го повика Косово, што не е во интерес на Србија“.

Шварц-Шилинг наведува дека владата на Србија сфатила дека не може да направи напредок кон ЕУ без решение на проблемот Косово. Тој чекор можеше да го направи само лидер кој и самиот припаѓа на десна политичка струја, оти нема да стравува од притисокот од остатокот на десницата: „Не ја исклучувам можноста дека навистина дојде до промена на политиката во Србија и дека во владата во Белград седат доволен број разумни луѓе кои се подготвени да кажат - не може постојано да ги следиме оние цели кои се нереални. Следиме цели кои ни одат во корист“.

За него во тој смисол идниот премиер Вучиќ е посериозен партнер за разговори отколку сите досегашни претседатели на Србија, вклучувајќи го и Борис Тадиќ.

Шварц-Шилинг и Флесенкемпер сметаат дека токму проади таквата ситација во Украина време е ЕУ да ја преиспита својата политика за БиХ. Што се однесува до Босна и Херцеговина би морало да се разгледа можност Договорот за стабилизација и асоцијација сепак да стапи во сила и тоа така што ќе се замрзне политичкиот дел од тој договор. Обратно од она што сега се прави во Украина.

„Во овој момент практично не е на сила никаков договор кој ги врзува ЕУ и БиХ. Ако постои таков договор, тогаш е многу потешко да се спроведе нешто што се вика отцепување“, подвлекува Флесенкемпер.