1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отпорот во Турција продолжува

АТ/ дпа/ афп21 јули 2013

Масовните протести изостанаа во изминатите денови во Турција, но тоа не значи дека попушти и отпорот против владата. Полицијата повторно презеде насилна акција, сега против брачен пар меѓу демонстрантите на свадба.

https://p.dw.com/p/19BKw
Фотографија: Ozan Kose/AFP/Getty Images

Полицијата во Истанбул употреби водени топови и гумени палки за да протера околу 1000 луѓе, кои во близина на паркот Гези сакаа да прослават свадба на двајца демонстранти (на насловната фотографија). Двојката се запознала за време на демонстрациите - таа од турските медиуми беше прогласена за „Љубовна приказна на бунтот“. Девојката е 32 - годишна медицинска сестра, додека момчето е 34 - годишен електричар. Луѓето извикуваа: „Да живее отпорот, да живее љубовта“, пред полицијата да ги протера од улиците во околината на паркот Гези.

Бегство во хотел

Невестата покрај белиот невестински фустан носеше и бел шлем и гас-маска накитена со цвеќиња. Шлемот на младоженецот беше црвен. Двојката потоа, видно шокирана, се засолни во еден хотел.

Спорот околу плановите за градба во паркот Гези беше иницијалната каписла за повеќенеделни протести во милионската метропола. На плоштадот Таксим демонстрираа десетици илјади луѓе против турската влада на премиерот Реџеп Таип Ердоган. Паркот Гези беше повторно отворен пред десет денови, но и натаму е забрането одржување на демонстрации во овој парк.

Türkei Gezi Park Hochzeit Wasserwerfer
Со водени топови против демонстрантитеФотографија: Reuters

При повеќенеделните протести полицијата употребуваше сила. Четворица демонстранти и еден полицаец ги загубија животите, а околу 8.000 луѓе се повредени. Според проценките на полицијата на демонстрациите во 80 турски градови учествувле 2,5 милиони луѓе.

Односот против демонстрантите, според една анкета, турската влада ја чинеше губење на симпатии меѓу населението. Партијата за Правда и развој (АКП) на Ердоган во случај на парламентарни избори би освоила 44,1 процент, цитира весникот „Хуриет дејли њуз“ од анкетата на Институтот за испитување на јавното мислење Сонар. Во февруари 2012 партијата имаше поддршка од 53,2 проценти, а минатиот ноември 47,3 проценти.