Отпадот - најскап проблем на Србија
15 септември 2018Диви депонии покрај реките, корита полни со различен отпад, гранки, недвоење на сметот и разни други проблеми предизвикани од човечка рака. Сето тоа е голем залак за Србија во процесот на пристапување кон ЕУ. Поглавјето 27, посветено на екологијата, ќе биде најтешко, не само поради потребните пари, туку и поради потребата од промена на свеста во односот кон природата.
„Поглавјето 27 има 10 подобласти и на секоја треба да ѝ се посвети внимание“, вели за ДВ екологистката Драгана Вукадиновиќ. Според неа, отпадните води се најголем проблем, додека во ЕУ тие се пречистуваат во 90 % пред да се испуштат во природа, во Србија се прочистуваат само 10 %. Тие води, некогаш хемиски неисправни, често се и топли, па страда цел растителен и животински свет во водите.
Решението е употреба на скапи филтри, посебно од страна на фабриките, што проблемот го прави моментно нерешлив, зашто законите за тоа не се ни донесени. А освен фабриките, големи штети на реките и езерата им предизвикуваат и поединци. Еден литар моторно масло или масло за јадење уништува 10.000 литри чиста вода.
Еден од поголемите еколошки проблеми на Србија е и сечењето на шумите за огрев. Многу домаќинства се греат токму на овој начин, зашто е поевтино, а тоа дополнително ја уништува животната средина.
Повеќе: Каде со целиот отпад?
Сепак, смета екологистката, „нема да има полесни и потешки работи во имплементацијата на поглавјето 27 - сѐ ќе биде тешко.“ Унапредувањето на јавното здравје е една од областите на поглавјето, а Србија тешко ќе го направи овој чекор ако и натаму дозволи создавање диви депонии, кои ги има и во урбаните средини и во природата.
Вукадиновиќ истакнува: термоелектраните „Костолац“ и „Никола Тесла“ во Обреновац официјално се најголеми загадувачи на Балканот, користат лигнит од трет степен на квалитет со катастрофални последици по климатските промени и појава на „кисели дождови“.