Отворен пат за Хрватска во ЕУ пред 2012-та
12 февруари 2010Од Хаг пристигна многу важна вест за Хрватска. Холандија одлучи да се откаже од воздржаноста за отворањето на 23-то поглавје за Правосудството и темелните права. Одлуката пред парламентот ја соопшти шефот на холандската дипломатија Максим Ферхаген.
И покрај тоа што главниот хашки обвинител Серж Брамерц пред неколку дена изјави дека Загреб се’ уште не соработува доволно во однос на ткн. „артилериски дневници“, Холандија се сложи да ја тргне блокадата, но најави дека ќе инсистира во текот на преговорите да се стави силен акцент на потребата од целосна соработка со Хашкиот трибунал.
Хрватската премиерка Јадранка Косор ја поздрави одлуката, оценувајќи ја како „ветар в грб“ за хрватската влада. „Многу сум задоволна затоа што ова беше последното скалило“, рече Косор. Проблемот се провлекуваше веќе неколку години, поради неодлучноста на властите во Загреб да ги пронајдат и да му ги предадат на Хашкиот трибунал артилериските дневници од воената акција „Бура“ во 1995 година.
Отворен патот за членство до 2012 година
За Холанѓаните од одлучувачко влијание било тоа што Брамерц изјави дека е задоволен од напорите на хрватските власти да ги пронајдат дневниците. Дополнителна причина е и што Велика Британија, Белгија и Финска, пред неколку недели ги повлекоа своите блокади на истото поглавје. Европската комисија уште пред 18 месеци даде „зелено светло“ за отворање на поглавјето, но оттогаш траеја и блокадите на споменатите земји.
Деблокадата во Брисел се оценува и како охрабрување од ЕУ за хрватската влада, пред се’ за борбата против организираниот криминал и корупцијата, но и за зајакнатата соработка со Трибуналот во Хаг. Претходно и Словенија ја прекина блокадата откако беше постигнат начелен договор со Загреб за решавање на спорното морско подрачје.
Сепак, притисокот останува и на Хрватска и на ЕУ, во текот на годинава преговорите да бидат завршени, а веќе во 2012 година, земјата да стане 28-та членка на Унијата.
Автор: Ален Леговиќ/Борис Георгиевски
Редактор:Жана Ацеска