Осуда на убиството на хуманитарните работници во Авганистан
8 август 2010За лицата со оштетен вид и хендикепираните луѓе во најзапуштените села во светот, единствен спас се ангажираните лекари од хуманитарните организации. Тимови со околу десетина соработници поставуваат такви „очни кампови“ во училиште или во некоја друга голема просторија за да можат да прифатат многу луѓе, оти потребата секогаш е голема. По еден ваков ангажман, вооружени лица во Северен Авганистан убија десет членови на една хуманитарна организација, меѓу нив и една Германка. Портпаролка на германската влада вчера изјави дека Германија се залага за „темелна истрага на околностите за ова кукавичко убиство“ и заедно со властите во Авганистан ќе се инсистира на казнување на сторителите на злоделото.
Претставници на партиите го осудуваат убиството
Шефот на пратеничката група на Зелените во Бундестагот, Јирген Тритин ја повика владината коалиција детално да ја образложи стратегијата за повлекување на меѓународните борбени трупи до 2014 година и изрази згрoзеност од убиството: „Страшно е што луѓе, кои очигледно немаат никакви врски со војската, туку се лекари кои им помагаат на луѓето, стануваат цел на вакви напади. Тоа покажува колку малку денес е стабилизрана ситуацијата во Авганистан,“ подвлече Тритин.
Ото Хенинг, пак од пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, изразувајќи сочувство за семејството на убиената Германка, подвлече: „Повторно се покажува, дека и покрај успесите постојано мора да сметаме и на порази, но тоа не смее да не оттргне од патот, таму да ја исполниме нашата задача, за да ја стабилизираме земјата и со тоа да ја зајакнеме безбедноста на Германија.“
Претседателот на опозиционата Социјалдемократска партија Зигмар Габриел истакна: „Она што на сите им е јасно е дека воената акција, која ја спроведуваме во секој случај, нема да ја постигне целта за помирување на земјата, туку служи само за да се добие време за да се спроведат политички решенија.“
Талибанците ја преземаа одговорноста
Одговорноста за убиството на десетте членови на хуманитарната организација во планинскиот регион, меѓу провинциите Бадахшан и Нуристан, ја преземаа талибанците. Портпарол на радикалните исламисти изјави дека станувало збор за „христијански мисионери“ кои собирале тајни информации во таа област. Кај нив пронашле документи за шпионажа. Полицијата, пак, истражува дали се работи за убиство од корист.
Убиените лекари и припаѓале на хуманитарната организација „Интернешнл асистенс мишн“, која во Авганистан е активна од 1966 година. Тие работеле за очната клиника Ноор во Кабул. Организацијата освен очната клиника во главниот град на Авганистан, такви клиники има и во Херат, Мазар и Шариф и Кандахар. Меѓу „централните вредности“, организацијата ја наведува „врската со Бога“ на прво место. „Интернешнл асистенс мишн“ со меѓународен договор се обврза „дека помошта нема да биде користена за да се поттикнуваат политички или религиозни гледишта.“ Таа ги демантира обвинувањата дека лекарите биле христијански мисионери.
Автор: Михаил Боргерс/ дв/ Александра Трајковска
Редактор: Трајче Тосев