1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остра критика за Ердоган

АТ/ дпа/кна/ртр/афп12 јуни 2013

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган се наоѓа се' повеќе на удар на критиката во меѓународни рамки. Во текот на ноќта дојде повторно до големи судири меѓу полицијата и демонстрантите.

https://p.dw.com/p/18oJZ
Фотографија: Reuters

Германската канцеларка Ангела Меркел го повика турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган на дијалог со опозиционото движење. Германската влада го следи развојот во Истанбул со голема загриженост, соопшти портпаролот на владата Штефан Зајберт во Берлин. Неопходни се „конструктивни разговори преку смиреност на сите страни“. Слободата на собирање и на изразување на мислењето е основно демократко право, кое мора да биде почитувано.

И министерот за надворешни работи на Германија Гидо Вестервеле од своја страна денеска во Берлин изјави дека слободата на собирање и правото на слободно изразување на мислењето се „неотуѓиви основни права на секоја демократија“. Турската влада би морала „да преземе се', за нејзините граѓани да можат да ги уживаат овие права“ смета Вестеревеле. Тој оцени и дека владата во Анкара испраќа „погрешен сигнал и во сопствената земја и кон Европа“. Вестервеле подвлече и дека очекува Ердоган „во духот на европските вредности да ја деескалира ситуацијата и да иницира конструктивна размена и мирен дијалог“.

Istanbul Taksim Platz 12.06.2013
Плоштадот Таксим во ИстанбулФотографија: Reuters

Исто така и министерот за надворешни работи на Франција Лорен Фабиус ја повика турската влада на „воздржаност“ и „дијалог“. Италијанската министерка за надворешни работи Ема Бонино, пак, пред парламентот во Рим предупреди дека Турција минува низ „својот прв сериозен испит“ во однос на планираниот пристап во ЕУ.

Турската полиција во текот на ноќта кон средата повторно употреби голема сила против демонстрантите на плоштадот Таксим во центарот на Истанбул, по што полициските единици го запоседнаа плоштадот. Притоа повредени биле 30 луѓе.

Протестите во Истанбул започнаа поради намера за изградба на објект во паркот Гези во Истанбул. Во меѓувреме протестите се проширија и се критика на владата на премиерот Ердоган.