1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Османлии во Германија - спој на политика и криминал

Ралф Бозен
14 јули 2018

Издадена е забрана за групата Османлии во Германија, а едно од обвинувањата гласи - исклучителна агресивност на членовите, кај кои зад „обичниот“ криминал типичен за вакви банди, се крие и веројатна поврзаност со Анкара.

https://p.dw.com/p/31HHW
Deutschland Rockergruppe "Osmanen Germania BC" in Neuss
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Staniek

На прв поглед едвај се разликуваат од сличните банди како Hells Angels, Bandidos: мускулести типови облечени во црно кои изгледаат колку високи толку и широки, држат пиштоли и сачмарки пред камера додека трае песна во која некој длабок глас се заканува со „преземање на целата земја“, дека „овие бестрашни борци“ ќе се „борат до последната капка крв“ и секој од нив е спремен да „прими куршум за своите браќа.“ 

Ваквите зборови на социјалните мрежи исто така не се реткост за сличните банди, но сега е дојден крај: германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер ја забрани групата Османлии во Германија (Osmanen Germania) и нејзините ограноци. „Ова здружение претставува сериозна закана за индивидуалните и општите вредности“, пишува во соопштението на Министерството. Уште пред тоа да стигне во рацете на новинарите, полицијата вршеше претрес на заедничките простории и на становите на членовите на оваа група во покраините Рајнланд Пфалц, Баден Виртемберг, Баварија и Хесен.

Baden-Württemberg - Sichergestellte Waffen und Bargeld der «Osmanen Germania
Откриени предмети при претрес на простории на Османлии во ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa/K. Nguyen

Регистрирани како „боксерски клуб“

Истрагата против Османлии во Германија трае всушност веќе најмалку две години, а на службите на редот им падна во очи уште при основањето во 2015. година од страна на бивши членови на бандата Хелс Енџелс. И тоа не само на полицијата, туку и на Службата за заштита на уставниот поредок, зашто како што зборува и нивното име, станува збор речиси исклучиво за членови по потекло од Турција, кои решиле во Германија да го прошират своето „царство“. Меѓу таквите банди тоа никогаш не поминува без пресметки, така што се надоврзува и обвинение за обид за убиство на припадници на други банди.

И организацијата Османлии во Германија е слична на другите банди и во различни места има свои ограноци, во тие кругови тие се нарекуваат Chapter и следат одредена хиерархија. Формално, дури и такви окорели банди во Германија се регистрирани како „мотоциклистички клубови“, но Османлиите се основани не како група моторџии, туку како спортско здружение и боксерски клуб кој се грижи за „спортскиот развој на младите“.

Полицајците можат само од срце да се насмеат на таква дефиниција, знаејќи отприлика што се случува во нивните 16 ограноци, колку ги има во Германија. Се проценува дека тие опфаќаат околу 300 постојани припадници, иако Османлиите сами се фалат дека ги има 2500 само во Германија, а низ светот уште илјада. Тие имаат филијали и во Австрија, Швајцарија, Шведска и секако - Турција.

Повеќе: 

Османлии во Германија - „тепачите на Ердоган“ пред суд

Турски политичар поврзан со боксерска банда во Германија

Убиство, проституција, принуда...

Не е првпат Османлиите да добиваат полициска посета, во февруари годинава во рацијата во неколкуте покраини учествуваа преку илјада службеници на редовната и специјалната полиција. Се бараа докази дека овој „боксерски клуб“ всушност е банда на организиран криминал, а тие докази сега послужија како основа за забраната. Зашто, пронајдени беа оружје, наркотици, но и носачи на податоци и документи кои сведочат за нивните амбиции да доминираат со подземјето таму каде се активни. 

Освен тоа, во Штутгарт уште од февруари трае судење на осуммина веројатни членови на здружението, вклучувајќи тројца за кои се смета дека се нивни челници. Обвинението против нив е вистински сублимат на Кривичниот закон: обид за убиство, обид за нанесување смртни повреди, изнудување, присилна проституција, подведување...

Но и полицијата постојано е соочена со чувствително политичко прашање: се чини дека оваа банда во Германија се „грижи“ и за организациите непожелни за официјална Анкара, првенствено за Курдите. Дали тоа го прават сами или всушност се наведувани од соодветни служби од Турција заради одбрана на радикалниот турски национализам, е отворено прашање. Дотолку повеќе и покраинскиот шеф на полицијата на Баден Виртемберг, Клаус Цивеј признава: „Првпат напомош против некоја ваква банда ја повикавме и Службата за заштита на уставниот поредок.“ Зашто, постојат одредени докази за врски на оваа бнада со т.н. Унија на европско-турски демократи, што всушност е неофицијална меѓународна организација на Ердогановата партија АКП. 

Berlin Brandenburger Tor - Demonstration Osmanen Germania
Во редарска служба на собирите за поддршка на Ердоган Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Zinken

Банда во национална „мисија“

До сличен заклучок дојде и полицијата на покраината Северна Рајна Вестфалија: тамошното министерство за внатрешни работи предупредува за „политичка позиционираност“ на Османлиите кои преку интернет застапуваат „националистичко турско, а понекогаш и екстремно десничарско гледиште“. Тоа се смета за резултат на контактите на водечки припадници на оваа банда со „претставници на турската партија АКП, односно турското правосудство.“ 

Шефот на Службата за заштита на уставниот поредок на оваа покраина, Буркарт Фрајер, во разговор за ТВ ЗДФ ги истакна сознанијата дека оваа банда служи како еден вид редарска служба на манифестациите во Германија на кои се поддржува Ердоган. На надлежните органи им е познато и дека оваа банда дејствува против сите „неподобни според Ердоган“: припадници на организацијата ПКК, Турци кои се сметаат за екстремни левичари и припадници на движењето Ѓулен, додека Турција ги смета за помошна сила во „борбата против теророт“.  

И други истражувања на германските медиуми покажуваат оти спојницата меѓу оваа банда и Анкара не е случајност, туку постојат и докази според кои еден припадник на турската владејачка партија АКП им предал одредена сума пари на водачите на Османлии во Германија. Истиот претставник бил задолжен и за организација на „спонтаните протести“ против резолуцијата за осуда на геноцидот врз Ерменците, усвоена во германскиот Бундестаг лани во Берлин. За ред на овие протести пред Бундестагот во Берлин се грижеше, секако, „боксерскиот клуб“ Османлии во Германија.